Поголеми субвенции за производителите на фуражни култури
Целта е сопствено производство на добиточна храна и намалување на производствените трошоци, а тоа е можно само преку примена на нови технологии, современи решенија за наводнување и соодветни агротехнички мерки...

Нови и зголемени субвенции за производителите на фуражни култури. Финансиската поддршка од 15 милиони денари е наменета за набавка на системот капка по капка. Од 15 февруари до 31 март годинава производителите на фуражни култури ќе можат да аплицираат за финансиската поддршка.
Како што истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, целта е сопствено производство на добиточна храна и намалување на производствените трошоци, а тоа е можно само преку примена на нови технологии, современи решенија за наводнување и соодветни агротехнички мерки.
Со увоз на 62.000 тони пченка и просечен принос од 4,3 тони на хектар, Македонија е релативно ниско позиционирана во регионални и европски рамки. Моментно засадените површини со оваа култура се доволни да ги покријат домашните потреби доколку просечните приноси се зголемат за околу една половина, нагласи Цветков, додавајќи дека Министерството за земјоделство последниве две години интензивно работи на модернизација на производството на сточна храна.
Поддршката која предвидува покривање на 50 отсто од трошоците за поставување систем „Капка по капка“, во 2015 година е проектирана на вкупно 15 милиони денари, а лани изнесуваше пет милиони денари.
