Доаѓа циклонот „Давид“: Кризните штабови се мобилизираат

28.01.2015 14:20

Најавите за ново невреме ги алармира локалните власти. Кризните штабови заседаваат. Се прават планови како поподготвено да се дочека воден бран од циклонот „Давид“...

Нова опасност од вода и се заканува на Македонија. Викендов доаѓа циклонот „Давид“. Општините се мобилизираат. Кризните штабови носат планови како поподготвено да се дочекаат најавените обилни врнежи од дожд.

Постои опасност од излевање на реките од речното корито. Општина Велес будно ја следи состојбата. Координирани се сите надлежни служби, се пребројуваат ресурсите, а деновиве ќе се полнат вреќи со песок.

„Ќе се оди од објект до објект, од куќа до куќа, во непосредната близина на Вардар за да им се предочи на сопствениците на фармите, меѓутоа пред се на луѓето кои живеат на потфатот од мостот на Башино Село па се до Речани, дека е можно излевање. Истото ќе го направиме и во населбата Поток каде што често знаеме дека при обилни врнежи доаѓаат обилни води“, изјави Славчо Чадиев, градоначалник на општина Велес.

Новите врнежи од дожд, но и топењето на снегот ќе го зголемат и водостојот во акумулациите. Од ЈП Лисиче најавуваат дека акумулацијата е далеку под критичната точка.

„Во моментов акумулацијата Лисиче располага со 10 милиони метри кубни слободен акумулативен простор што е доволна гаранција дека реката Тополка по нејзиното корито не неправи големи оштетувања“, рече Бобан Пановски директор на ЈВП Лисиче.

По последното невреме, регионот на општина Велес, во споредба со Лакавичкиот, Неготинскиот и Демиркапискиот регион помина со минимални штети кои се однесуваат на поплавени земјоделски површини.

 

Дијана Иванова