Гаспари: Македонија со најдобри економски перформанси во регионот

28.01.2015 14:56

На предавањето во Министерството за финасии, на кое присуствуваа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов, истакна дека Македонија е среќна што за време на економската и должничката криза не беше членка на Европската унија...

Македонија во моментов има најдобри економски перформанси од земјите во регионот. За среќа вие избегнавте да направивте некоја од непотребните грешки какви што се направија во Словенија, Хрватска, па дури и во Србија. Тоа е добра основа за натамошно подобрување на економијата и за спроведување на неопходните реформи, порачува поранешниот словенечки министер за финансии Митја Гаспари, пренесува МИА. 
 
Мала отворена економија не може да биде стабилна и да има социјална кохезија без силен извоз. Вие сте на добар пат да ги постигнете овие цели. За тоа ви е потребна и малку среќа, но во секој случај обидете се да играте на начин кој сами ќе го изберете, а не како што ќе ви кажат другите, бидејќи на крајот вие живеете во Македонија, а не странците, изјави Гаспари по предавањето во рамки на ЕУ Твиниг проектот за зајакнување на капацитетот на Министерството за финансии за макроекономска анализа и формулирање на политики. 
 
На предавањето во Министерството за финасии, на кое присуствуваа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов, истакна дека Македонија е среќна што за време на економската и должничката криза не беше членка на Европската унија. Тоа, додаде, е една од причините за растот на економијата и полесното справување со кризата, а реализацијата на капитални инвестиции е добра за економија како македонската.  
 
Политиката на привлекување директни странски инвестиции во Македонија, нагласи, носи нови технологии, знаења и пазари. Покрај тоа носи и некои бенефити. Нормално е дел од профитот од слобдните економски зони да се одлива, бидејќи секој инвеститор сака да го прелее во својата матична држава, но секако дел останува и кај вас, прецизира Гаспари.