16- годишник приведен по синоќешното пукање во Аеродром
Во инцидентот настрадал исто така малолетник. Имал телесни повреди и му е укажана лекарска помош во Градската болница „Св. Наум Охридски“...

Еден од двајцата насилни малолетници е фатен по синоќешната пресметка во Аеродром. Во инцидентот настрадал исто така малолетник. Имал телесни повреди и му е укажана лекарска помош во Градската болница „Св. Наум Охридски“.
„По преземени мерки од страна на СВР Скопје пронајдено и приведено е лицето 16 годишник од Скопје и со истиот е извршен разговор во полициска станица „Бит Пазар“ во присуство на негов роднина. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, изјави Лиза Бендевска, портпарол на СВР – Скопје.
Во инцидентот учествувале петмина. Околу 20 часот почнале вербална расправија на паркингот зад трговскиот центар на булеварот Јане Сандански. Двајца веднаш избегале, а 14 годишникот бегал кон населбата Ново Лисиче. Овде бил пречекан од двајцата насилници и бил физички нападнат. На крајот успеал да им избега. Напаѓачите со автомобил тргнале по булеварот и во близина на Капитол мол од огнено оружје испукале неколку куршуми и избегале. За среќа не погодиле никого.
Синоќа по пукањето, неколку часа оваа улица беше затворена за возила. Увидни екипи на СВР Скопје вршеа увид на местото. Жителите кои што живеат во близина не слушнале истрели.
Мотивот за физичкиот напад сеуште е непознат, но не било првпат овие две групи млади момчиња да се однесуваат недолично и хулигански. Честопати вербално се расправале.
Наташа Гркова- Петрушевска
