Расте незадоволството кај родителите чии деца губат настава

28.01.2015 15:44

СОНК сака преговори со ресорните министерства, во меѓувреме расте незадоволството кај дел од родителите, чии деца губат настава. Бараат учениците да се вратат во училишните клупи, бидејќи како што велат, се губи настава, заради нечии лични интереси...

За основците од „Димо Хаџи Димов“ во Влае воопшто не почна второто полугодие. Наставниците бојкотираат, учениците веќе втора недела губат настава, а родителите се соочуваат со проблем каде да ги однесат нивните деца кога мораат да одат на работа.

Револтирани се од односот на наставниците, поддржувачи на СОНК, што ја бојкотираат наставата. Загрижени се дека нивните деца нема да ги совладаат лекциите кои ги испуштија деновиве. Согласни се дека учениците не смеат да губат настава поради остварување на нечии лични амбиции и фрустрации.

„Веднаш да престанат со оваа лудост и дрскост, бидејќи тие си поигруваат со иднината на нашите деца, и ги користат како заложници за остварување на нивните разноразни идеи и амбиции. Ова не е начин“, вели една родителка.

„Ваквиот начин на неодржување на настава ќе се одрази на учениците. Станува збор и за тоа како учениците утре ќе ја надохнадат наставата“, вели родител.

Родителите велат дека ги носат децата во училиштето, а наставниците ги враќаат со  изговор дека нема кој да им држи настава. Доколку се пролонгира учебната година или учениците треба да одат на настава и во саботите, тие нема да ги носат децата во училиште.

„Децата буквално ги оставаат на капија, родителите си одат на работа. Децата толку беа избезумени и шокирани што не знаеа каде да одат. Моравме ние како баби, како родители, да се организираме, да си ги прибереме децата, кој каде може и како знае“, велат родителите.

Проблемите да се решаваат со дијалог, а не на грбот на учениците и нивното образование, сметаат родителите.

Од СОНК, пак вчера соопштија дека го прифатиле предлогот на Мартин Ромеро, првиот човек на Европската федерација на синдикатите, преговорите со образование да продолжат, во спротивно наставниците и натаму нема да одат на работа.

 

Викторија Тодоровска