Земјоделие

Штети на посевите има, но рано е за проценки

28.01.2015 16:55

Штети има и во раноградинарското производство, но само кај оние земјоделци што расадиле по пластениците. Агрономите велат дека опасноста што ја носат дождовите не е само поплавувањето, туку и мешањето со подземните води, што дополнително ги оштетува културите...

Има штети на посевите, но се уште е рано да се прават проценки. Под вода се поголем  дел од житните култури, а има и голема влажност во почвата, велат агрономите. Вакви  количини врнежи во овој период на годината наназад години, не бил забележан. 

„После 20 дена, или еден месец, ќе знаеме каква ќе биде состојбата. Сега сеуште е премногу рано да се прогнозира, но како и да е, премногу е невообичаено за Македонија“, смета универзитетскиот професор, Дане Бошев.

Штети има и во раноградинарското производство, но само кај оние земјоделци што расадиле по пластениците. Агрономите велат дека опасноста што ја носат дождовите не е само поплавувањето, туку и мешањето со подземните води, што дополнително ги оштетува културите.

„Се слушнавме со производителите од струмичко. Единствено во околината на Муртино, има поплавување на почвата, меѓутоа, сеуште не се расадени културите“, изјави Гордана Поп Симонова, универзитетски професор.

Според експертите државата треба да преземе мерки, да се направи план и да се дадат совети кои би им помогнале на земјоделците да ги намалат штетите.

„Треба да се формира екипа, од неколку земјоделски факултети во државата, да се отиде по селата, да им кажат со кои сорти, со кои видови култури да се потсее тоа што е уништено“, смета агроеспертот Борис Анакиев.

Ако се задржи ваквиот период се стравува дека земјоделците нема да можат да влезат во нивите. Познавачите ги советуваат навреме да си ги осигураат нивите.

 

Дијана Ценевска