Финишира битката за концесиите на струшките плажи
Финишира политичката битка помеѓу Мерко и Министерството за транспорт и врски, од една, и струшкиот градоначалник, од друга страна, за концесиите со струшките плажи. Мерко, кој е на страната на концесионерите, со измените во законот и амандманот кој беше усвоен денеска му ги врза рацете на Села...

Законот за градежно земјиште во кој е поднесен и амандман од страна на пратеникот на ДУИ, поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, за продолжување на концесиите за струшките плажи, финишираше на пленарната седница во Собранието на Република Македонија.
Новина во овој закон е давањето на краткорочен закуп на неизградено државно земјиште, сопственост на државата. Во овој закон влегуваат и плажите во Струга каде досегашниот закон им даваше можност на концесионерите закуп до најмногу 5 години, а сега тоа е изменето и покрај тие 5 години, закупците имаат можност истиот да го продолжат за уште 3.
„Тоа е заеднички предлог на членовите на Комисијата за транспорт и врски како иницијатива моја, како пратеник т.е. претставник од ДУИ, но и заедно со членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Помогнаа сите да им дадеме уште една шанса на сегашните концесионери да можат барем да ја ублажат својата инвестиција“, вели пратеникот на ДУИ и поранешен градоначалник на Струга, Рамиз Мерко.
Од општина Струга и денес останаа глуви на новинарските прашања.
„Локалната власт не сака да ги коментира последните случувања со плажите во Струга. Меѓутоа, граѓаните сакаат Струга да ја видат во поубаво светло. Овие убави плажи кои се изградени, сепак според она што се случува во законодавниот дом ќе имаат можност нивната концесија да биде продолжена за уште 3 години“, смета Мерко.
Концесионерите на струшките плажи се задоволни од новиот закон и продолжувањето на концесијата.
„Сигурно дека на концесионерите им одговара тој момент за евентуално продолжување на договорите на начин како ќе се договорат Владата, Министерството и општината и со самото тоа доколку дојде до продолжување на договорите сигурно дека ќе дојде и до доуредување на плажите и зголемувањето на понудата“, вели Боро Симјаноски, концесионер на Женска плажа во Струга.
Мерко, кој е на страната на концесионерите, со амандманот и измените во законот, му ги врза рацете на Села.
Сега се чека како ќе постапи струшкиот градоначалник, кој неколкупати јавно најави дека ќе ги урива сите бесправно изградени објекти на струшките плажи.
Јованчо Наумоски
