Меморандум за соработка меѓу Охрид и Далиан: Се очекуваат повеќе туристи од Кина

28.01.2015 17:24

Претставници на Охрид и кинескиот град Далиан денеска потпишаа меморандум за соработка во областа на туризмот. Со тоа се отвора можноста во Охрид да доаѓаат голем број кинески туристи, но и за заеднички настап на туристичките саеми во светот. Далиан е еден од најголемите туристички центри во Кина, кој минатата година го посетиле педесет и три милиони туристи, од кои еденаесет милиони странци...

Со потпишаниот меморандум се предвидува размена на информации, продукти и услуги од областа на туризмот, организирање на туристички групи од Кина кон Охрид и обратно, воспоставување на чартер летови од Кина кон Македонија и заеднички настап на туристички саеми.

„Очекуваме дека по воспоставувањето на оваа официјална соработка помеѓу Бирото за туризам на Далиан и Секторот за туризам и локален економски развој на Охрид, дека конечно ќе имаме можност во наредниот период да донесеме голем број туристи од НР Кина во градот Охрид и во другите туристички места во Македонија“, изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Со кинеската делегација, предводена од заменик градоначалникот на Далиан, Кју Ксаио Феи се разговараше за соработка помеѓу универзитетската заедница на тој град и Универзитетот „Свети Апостол Павле“, која ќе овозможи изградба на технолошки парк во рамки на охридската образовна институција.

Технолошкиот парк би опфаќал лабораториски услови за научно- истражувачка работа, простор за старт- ап, мали компании, кои студентите сами би ги развивале“, изјави Иван Бимбиловски, проректор на универзитетот „Свети Апостол Павле“.

Градот Далиан покрај туристички е и еден од најзначајните кинески научно- образовни центри во кој функционираат 31 универзитет.

 

Сашо Нелоски