ЕП ја одбележа 70- годишнината од ослободувањето на Аушвиц

Сеќавањата на трагедиите од минатото - од суштинско значење за градење на иднината на Европа

28.01.2015 17:42

Нападите против еврејската заедница се закана по слободата и правда, демократија и човечкото достоинство, оцени заменик претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани...

Под мотото „Поучени од минатото- учиме за иднина“, Европскиот парламент,  европскиот Економски и социјален комитет и Европската еврејска заедница, во Брисел ја одбележаа 70- годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор Аушвиц.

Сеќавањата на трагедиите од минатото се од суштинско значење за градење на иднината на Европа. Нападите против еврејската заедница се закана по слободата и правда, демократија и човечкото достоинство, оцени заменик претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани.

„Ниту еден Евреин не е должен да ја напушти Европа, нивната Европа, како резултат на тероризмот. Без европските евреи, Европа нема да биде Европа. Напади против еврејската заедница во Европа, се закана по нашите вредности и идентитет“, рече заменик претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани.

Ова е посебно важно во период кога некои Европјани изгледа се сомневаат што значи Европа, а последните настани, како што е терористичкиот напад на „Шарли Ебдо“, треба постојано да не потестуваат за тоа како да егзистираме во мир- е пораката од вчерашното одбележување на холокаустот, во кој животот го загубија повеќе од 1 милион мажи, жени и деца. За ова на комеморацијата на холокаустот потсети и претседателот Ѓорге Иванов.

„Беше потресно сето тоа да се доживее, да се служне, меѓутоа претставува и отрезнување на сите кои сме на позиции кога носиме одлуки, со кои се креира иднината на сите ние што живееме денес на планетава“, изјави претседателот Иванов.

Иванов посочи на јасно упатената порака на Аушвиц, дека монструозноста на поединци мора да се спречи, во спротивно и во денешното секојдневие може да се повторат слични трагедии.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ