Нема борба за медали за Хрватска и за Германија

Полска и Катар во мундијалското полуфинале!

28.01.2015 19:59

На почетокот на првенството, сите со почит гледаа на домаќинот Катар, особено на неговиот финансиски бекграунд којшто го вброи во ракометниот свет, но никој не можеше ни да претпостави дека ќе се вивне толку високо...

Не Хрватска и Германија, туку Полска и Катар ја формираа првата полуфинална двојка на ракометното СП во Катар !?

Полска-Хрватска 24-22

Шест години откако последен пат беа меѓу најдобрите четири селекции во Загреб освоија медал, бронзен, Полјаците во Доха само на чекор и до борбата за злато. Ја исфрлија Хрватска со победата од 24-22 во неизвесниот и драматичен четвртфинален меч во Ал Сад. Се издигнаа од негатива од три гола во завршните петнаесетина минути и со стабилна игра во финишот ги испратија „коцкестите“ во разигрување за пласман од 5-то до 8-то место.

Во меч на малку голови во којшто и двете селекции имаа подеми и падови, Полска беше за нијанса поконстантна и мина понатаму поради поголемата присебност во клучната фаза од средбата. Откако во првиот дел Полјаците имаа и три разлика, а на одмор два гола предност (12-10), резервниот голман Ивиќ и Дувњак ги кренаа Хрватите коишто побегнаа на плус три (17-14). Тогаш противничкиот селектор Биглер со неколку адути од клупата (Храпковски и Сипжак) ги сврте нештата на теренот во полска корист. Клучно беше кога на 21-20 за Хрватска по промашен напад на Карачиќ, Јуркјевич изедначи кога неговиот тим имаше двајца играчи помалку во поле. Хрватите поевдоа и уште еднаш, 22-21, но во последните пет минути веќе не дадоа гол и се збогуваа од надежите за петто последовно полуфинале на големите турнири, но уште позначајно, и од борбата за медали.

Јуркјевич со 6 гола беше прв стрелец на Полјаците, Ројевски даде 4, а Сипжак и Храпковски по 3 гола, додека огромен дел од дванаесетте одбрани на Шмал беа во финишот, кога Хрватите беа опасни, но не можеа да го совладаат. Дувњак и Копљар погодија по 5 пати за поразениот тим, Хорват даде 4 гола.

Катар-Германија 26-24

На почетокот на првенството, сите со почит гледаа на домаќинот Катар, особено на неговиот финансиски бекграунд којшто го вброи во ракометниот свет, но никој не можеше ни да претпостави дека ќе се вивне толку високо. Азиска селекција во 1/4-финалето немаше 18 години, а еве го сега Катар и на едно скалило до незамисливото, до финалето.

Германците дојдоа на ова првенство по заобиколен пат, со специјална покана, играа над очекувањата и кога сите ги гледаа дури и како полуфиналисти, ги снајде шок ! Од почеток постојано беа резултатски инфериорни, без решенија за расположените шутери во катарскиот состав, коишто огромните заработки ги оправдаа со блескави партии во историскиот момент за оваа земја без речиси никаква, камо ли ракометна традиција.

Во натпреварот којшто го судеа македонските арбитри Начевски и Николов, уште на средина од првиот дел Катар имаше убедливи 13-7. На полувреме водеше со 18-14, подоцна повторно имаше и пет гола предност, за кога загусти и кога Германците се заканија во продолжението, особено во завршницата, сите нивни надежи да ги откаже голманот Шариќ. Тој можеби немаше премногу одбрани, само 10 (на спротивната страна Хајнефетер оствари 11), но тие беа во важни моменти и со нив имаше влијание на конечниот епилог. 8 гола за Катар постигна Капоте (од 11 удари), Марковиќ запиша 6, Видал 4, а Мемишевиќ и Бенали по 3. Кај Германците најефикасен беше Генсхајмер со 5, Грецки постигна 4, а Винцек, Вајнхолд, Друкс и Штробел по 3 гола.

 

Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ