Гајиќ и Марковиќ во трка за голгетер на Мундијалот
Уште сега се знае дека за признанието прв стрелец во Доха докрај ќе се борат Словенецот Драган Гајиќ и Катарецот Жарко Марковиќ. Иако Словенија испадна во четвртфиналето и ќе разигрува за место од петтото до осмото, десното крило Гајиќ е лидер досега со 56 постигнати гола (19 од пенал)...

По два натпревара ќе одиграат до крајот осумте репрезентации коишто ќе бидат дел од катарскиот ракометен Мундијал до завршниот викенд. Освен на освојувачите на медали и на конечното рангирање, тие ќе влијаат и на статистичкиот биланс којшто ќе му даде белег на првенството.
Уште сега се знае дека за признанието прв стрелец во Доха докрај ќе се борат Словенецот Драган Гајиќ и Катарецот Жарко Марковиќ. Иако Словенија испадна во четвртфиналето и ќе разигрува за место од петтото до осмото, десното крило Гајиќ е лидер досега со 56 постигнати гола (19 од пенал). Само еден помалку, 55 погодоци, има некогашниот црногорски репрезентативец и екс-играч на Металург Марковиќ (11 од седмерци). Ги нема веќе на турнирот Чилеанецот Салинас со 52, нашиот Лазаров со 45, Белорусинот Рутенка со 43 и Австриецот Вебер со 42, што значи дека евентуално до третото место на листата стрелци со супер-ефикасни партии во полуфиналето и финалето можат да се пробијат само Шпанецот Ривера, којшто досега даде 39 и Катарецот Капоте, којшто има 36 погодоци.
Данецот Микел Хансен нема да освои трофеј, но речиси сигурно ќе биде најдобар асистент на шампионатот. Досега има 39 додавања за гол, многу повеќе од Лазаров и од Рутенка, коишто се зад него на рангирањето. Теоретски е достижен само за Шпанецот Ентрериос, којшто има 27 асистенции.
Жарко Марковиќ е многу блиску да биде најкорисен играч на првенството според вкупниот број голови и асистенции. Се уште е зад Чилеанецот Салинас, којшто има 78, но има два меча до крајот за драстично да ја поправи бројката од 76 (55 гола и 21 асистенција). Лазаров се уште е трет на листата, Рутенка четврти, но Хансен речиси сигурно ќе ги мине, иако со досегашните 67 гола и асистенции би можел да го загрози дури и Марковиќ.
Иако на моменти имаат блесоци, ова сепак не е Мундијал на големите и славни голмански имиња. Според ефектот досега, процентуално е најуспешен вториот дански чувар на мрежата Грин Крејберг со 40 проценти одбранети удари (33 од 83). Германецот Лихтлајн и Шпанецот Перез Де Варгас имаат 39 процентен ефект меѓу стативите. Следува Хрватот Ивиќ со 38 отсто одбрани, па дури по него се Швеѓанецот Андерсон, Французинот Омејер и Катарецот Шариќ со 36 проценти одбранети удари. Ландин, на пример, е под 15-то место на ваквиот ранкинг, заедно со Шмал и Сјостранд. Алиловиќ е дури и уште подолу.
Овие бројки можат, но веројатно многу малку ќе значат, бидејќи изборот на најдобриот тим на турнирот сепак ќе се сведе на поединци од селекциите коишто ќе стигнат најдалеку во трката по медали.
Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ
