Два великана, стабилната Полска и Катар!
За разлика од Катарците кои се инстант екипа, Полјаците градат тим, имаат историја и долго покажуваат дека со причина се во врвот. Избалансираниот состав со повеќе решенија во секој момент ги држи долго и на средноисточниот мундијал...

Парите го вртат светот, па спортот не е исклучок. Катар го доби ракометниот мундијал и резултатски максимално го користи. Земјата којашто до неодамна не знаеше за ракомет сега е во полуфиналето на тековното Светско првенство. Репрезентацијата составена од натурализирани играчи и трофеен селектор ја потисна Словенија во групата и отвори полесен пат до ѕвездените пространства. Ги мина Австрија и Германија во нокаут сегментот и потврди дека може и со Полска.
За разлика од Катарците кои се инстант екипа, Полјаците градат тим, имаат историја и долго покажуваат дека со причина се во врвот. Избалансираниот состав со повеќе решенија во секој момент ги држи долго и на средноисточниот мундијал. Во последно време оној што ја победил Хрватска обично заслужил медал. Неколку искусни ракометари со докажана вредност и неколку млади кои се на врвот на полетноста, ја елиминираа Хрватска која на седум од претходните осум големи настани играше во полуфиналето. Сега ја нема затоа што Полјаците го направија она што не успеа Македонија во групата и Бразил во осминафиналето. Почнаа и ја довршија работата!
Хрватска е ракометна велесила, но во Доха ја немаше искрата. Квалитетот не е спорен, недостасуваше нешто друго. Целосна поддршка, тимски дух, повеќе играчи со храброст за решенија во клучни напади... Сето тоа и многу повеќе има Франција. „Триколорите“ играат посилно од натпревар во натпревар. Извонредно ја планираат формата, па како и Аргентина на почетокот на елиминациската фаза, ниту Словенија немаше шанси во четвртфиналето. Сепак, вистинската сила Франција треба допрва да ја покаже. Актуелниот европски и олимписки првак ќе се обиде да ги обедини трите злата, а за да го направи тоа, треба да ја детронизира Шпанија. „Армадата“ досега одигра без грешка, се прошета во групата и лесно го мина Тунис. Не падна ниту на првиот сериозен тест. Драматичниот триумф над Данска во четврфиналето значеше елиминација на еден од двата најтешки ривали за повторување на успехот од пред две години.
Франција и Шпанија се ракометни моќници. Полска знае како е да се биде меѓу големите играчи, а Катар е нов во друштвото. Но топката е тркалезна и непредвидлива. Сепак, е мундијалското полуфинале. Франција – Шпанија од 19.00, Катар – Полска од 16.30, утре на Македонската телевизија.
Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ
