Безготовинско плаќање на царинските испостави

29.01.2015 13:38

Со оваа можност граѓаните и економските оператори веќе нема да имаат потреба да патуваат до најблискиот град или до најблиската филијала на пошта и комерцијалните банки, ниту да чекаат на ред пред нивните шалтери...

Промовирано безготовинското плаќање на царинските испостави во државава. Инсталирани се 24 постерминали што ќе овозможи граѓаните и економските оператори на лице место да можат да ги платат административните такси и царинските давачки.

Со оваа можност граѓаните и економските оператори веќе нема да имаат потреба да патуваат до најблискиот град или до најблиската филијала на пошта и комерцијалните банки, ниту да чекаат на ред пред нивните шалтери за да ги уплатат давачките поврзани со царинското работење, туку ќе ги добиваат на едно место во царинските испостави каде се спроведуваат царинските формалности, изјави директорката на Царинската управа Наташа Радеска-Крстевска денеска на промоцијата на воведувањето на можноста за безготовинското плаќање.

Таа додаде дека ова се воведува со цел да се обезбеди квалитетна и брза услуга за граѓаните следејќи ги најмодерните трендови за безготовинско плаќање.