СП Катар

Шмал: „Имаме подлабок состав“!

29.01.2015 13:50

Славомир Шмал и на Мундијалот во Катар е значајна алка во играта на полската репрезентација. Пред полуфиналето со домаќинот, чуварот на мрежата очекува неговиот национален состав да го искористи искуството од настапите на големите турнири...

Во 2009-та беше најдобар ракометар во светот, истата година освои мундијалска бронза, а две претходно на неговите гради блесна сребрен светски медал. Славомир Шмал и на Мундијалот во Катар е значајна алка во играта на полската репрезентација. Пред полуфиналето со домаќинот, чуварот на мрежата очекува неговиот национален состав да го искористи искуството од настапите на големите турнири.

„Тоа ќе биде тежок натпревар. Тие имаат добар тим и ќе бидат поддржувани од полната арена. Затоа ние треба да се фокусираме на нашата игра, а не на атмосферата. Наша предност е што имаме повеќе играчи за ротација и повеќе опции од клупата. Го креваме нивото во настапите од натпревар во натпревар, затоа сме самоуверени и верувам дека имаме повеќе кондиција од Катар“, вели Шмал.

„Шестмина од сегашната генерација играчи во репрезентацијата го носеа дресот на Полска и во финалето во 2007-ма. Другите немаат толкаво искуство. Ние сме тим со спој на искуство и младост и затоа за нас играњето во полуфинале не е рутина како што е тоа за Франција или за Шпанија“, оценува полскиот голман Славомир Шмал пред утрешото полуфинале со Катар.   

 

Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ