Најавите за изобилните дождови ги алармираа локалните власти
Од Координативното тело апелираат до граѓаните да се вклучат во превентивните мерки, а оние што сметаат дека се загрозени да се обратат на бесплатниот телефонски број 195...

Координативното тело за справување со кризи препорачува градоначалниците да ги мобилизираат сите ресурси, а доколку имаат потреба помош да побараат од Дирекцијата за заштита и спасување. Во континуитет да се следи водостојот на реките и акумулациите, а Министерствата за одбрана и за внатрешни работи да бидат подготвени за интервенција, стои во дописот.
Од Координативното тело апелираат до граѓаните да се вклучат во превентивните мерки, а оние што сметаат дека се загрозени да се обратат на бесплатниот телефонски број 195.
Според информациите од УХМР, нов јужен бран од дождови ќе ја зафати територијата на Република Македонија утре попладне. Ќе дува засилен, повремено силен јужен ветер со удари и над 80км/час. Попладне и во текот на ноќта кон сабота ќе има врнежи од дожд кои во западните и јужните делови ќе бидат пообилни (локално од 40л/м2 до 60 л/м2).
На планините врнежите ќе бидат од снег, каде снежната покривка ќе се зголеми. Нови пообилни врнежи ќе има во сабота ноќта и во недела кога врнежите ќе бидат и поројни, проследени со грмежи и силен ветер.
Дополнително се очекува водостојот на реките да се зголеми со топење на снеговите и се очекува излевање на реките со што се подигнува алармантноста со хидролошката состојба.
