НБРМ: Извозот главен двигател, кредитирањето расте

29.01.2015 14:31

Во општи рамки, инвестициската активност даде силен импулс, а приватната потрошувачка продолжи да расте поддржана од растот на расположивиот доход, надополнет со зголемените кредитни текови од домашните банки распределени кај секторот „население“...

Банкарскиот сектор ја зајакна кредитната поддршка на економскиот раст, девизните резерви останаа на соодветно ниво, а инфлациските притисоци се намалени, соопштуваат од НБРМ

Како главен двигател на растот останува извозниот сектор, што во најголема мерка е одраз на искористеноста на новите извозни капацитети. Во општи рамки, инвестициската активност даде силен импулс, а приватната потрошувачка продолжи да расте поддржана од растот на расположивиот доход, надополнет со зголемените кредитни текови од домашните банки распределени кај секторот „население“. Структурата на растот во третиот квартал е поповолна, со поголем придонес на инвестициската за сметка на приватната потрошувачка.

Во текот на последниот квартал, кредитната активност продолжи да се зголемува, при што придонесот на кредитирањето на корпоративниот сектор за вкупното кредитирање се зголеми во однос на просечниот придонес во првите три квартали.

На крајот на декември, вкупните кредити беа повисоки на годишна основа за 10 отсто, при што прирастот на кредитите во 2014 година беше поголем во однос на истиот во претходната година за 1,6 пати.

Согласно последните расположливи податоци за четвртиот квартал на 2014 година, девизните резерви беа речиси непроменети на квартална основа, а нивната динамика беше нешто поповолна од предвидената во рамки на октомвриската проекција.