Полицијата го пронајде возачот кој усмрти петгодишно девојче
Познат е идентитетот на возачот кој вчеравечер во велешко удри во петгодишно дете, го усмрти и побегна од местото на несреќата. Ќе одговара за сторени две кривични дела...

Полицијата го пронајде возачот кој вчеравечер на патниот правец Оризари- Велес со својот автомобил усмрти петгодишно девојче и избегал од местото на несреќата.
„Превземени се интензивни мерки за утврдување на идентитетот и пронаоѓање на сторителот и истиот во текот на вчерашниот ден, односно синоќа во 22.40 минути е лишен од слобода од неговиот дом“, рече Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.
28 годишниот возач, во полициската станица го признал делото, посочувајќи дека незнае зошто изгубил контрола над возилото и удрил во девојчето. Само неколку минути по несреќата, тоа заедно со мајката и братот со друго возлио кое се движело по овој патен правец било пренесено во велешката болница каде е констатирана смрта.
Ова не е прва несреќа на овој дел од патот, велат мештаните.
„Се вози брзо, ризично е тука кога испаѓаме од вратата мора да се пази пред некој ден и куче удрија, возат брзо. Минатата година исто тука удрија човек на мотор“, велат мештаните.
Возачот кој го усмрти девојчето најверојатно ќе одговара за две кривични дела- предизвикување на сообраќајна несреќа со жртва и напуштање на местото и неукажување на прва помош.
Дијана Иванова
