Растот на индустријата- позитивен сигнал за бизнисмените
Според пресметките на Државниот завод за статистика најголем пораст на индустриското производство лани е забележан во мај од 9,7%, а најмал во месец март од 0,6 отсто. За бизнис заедницата ова е позитивен сигнал...

Индустриското производство лани пораснало за 4,8 проценти. Овој тренд на раст во македонската економија е присутен 16 месеци по ред. Според пресметките на Државниот завод за статистика најголем пораст на индустриското производство лани е забележан во мај од 9,7%, а најмал во месец март од 0,6 отсто. За бизнис заедницата ова е позитивен сигнал, стабилизирана е домашната индустрија, а полека и извозните сектори застануваат на нозе.
„Државите од ЕУ заздравуваат полека, така што сите тие традиционални извозни партнери се враќаат на оној период пред кризата“, вели бизнисменот Сеад Кочан.
Динамичен раст има во повеќе сектори. Лани кај индустријата за преработка на дрво е регистриран раст од 20,4%, во делот на производите од гума и од пластични маси, производството на машини и уреди забележан е пораст од речиси 23%, во делот на електричната опрема позитивата е цели 30%, кај фармацевтските производи има плус 5,2%, кај текстилот 6,5%, кај тутунските производи 5,6%. Растот на индустриското производство предизвикува и раст на оптимизмот во бизнисот.
„Од особено значење е да се поработи на развивање на производните компании, бидејќи тие се носители на вистинска вредност во Република Македонија. Тие се создавачи на реалната вредност, тие вработуваат произведуваат, тие трошат суровини, односно се раздвижувачи на целокупното живеење во нашата држава. Сметам дека посебно на нив треба да се стави фокусот и да се обмислат начини како тие да се развиваат уште повеќе“, смета Горан Ѓорѓиевски, генерален менаџер на „Специјал“.
Владата и годинава очекува продолжување на позитивните движења на македонската економија. Според неодамнешната изјава на премерот Груевски, клучни за постојаниот раст се добрата бизнис клима и влезот на странските инвестиции. Позитивното движење на индустриското производство го зголеми и БДП, а ја намали невработеноста.
Сунчица Николоска
