Во очекување на новите врнежни, активни подготовки на Југоистокот од Македонија
Општинските кризни штабови од Радовиш, Гевгелија, Струмица, Босилово по препораките на ресорните министерства и институции подготвиле акциски план за обезбедување на речните корита, каналите и другите критични места. Граѓаните, пак, ги обезбедуваат домовите...

Жителите полнат вреќи со песок, механизацијата гради безбедносни песочни бедеми. Ваква е сликата во општините од Југоистокот кои се мобилизираат по најавите дека утревечер се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд.
Општинските кризни штабови од Радовиш, Гевгелија, Струмица, Босилово по препораките на ресорните министерства и институции подготвиле акциски план за обезбедување на речните корита, каналите и другите критични места. Граѓаните, пак, ги обезбедуваат домовите.
„Што имаше дигнавме и сместивме. Другото од претходната поплава е се уништено“, вели жител на Просениково.
„Вреќи поставивме, се е направено, чекаме“, вели друг жител на Просениково.
„Дигаме, кујната ни е поплавена и уште се спремаме, градиме“, вели друг жител.
Во обезбедување на критичните места каде се очекува излевање на водите, кризните штабови користат освен механизација на јавните комунални претпријатија и механизација на приватни компании.
„Беше нагласена итна потреба од санирање на реките Струмица, Турија и Водочница каде што е испратена извесна механизација преку Центарот за управување со кризи. Колку тоа ќе помогне во моментот не знаеме, но сигурно ќе има помош при евентуални нови поплави“, вели Кирил Парталов, командант на Општински штаб за заштита и спасување, Струмица.
Инаку во минатонеделните поплави во Струмица, оштетени се најмалку 400 граѓани кои поднесле барање до општинската комисија. Од нив триесет се со поплавени домови. Штетите ќе се утврдат за петнаесетина дена.
Жителите од критичните места очекуваат дека превентивните мерки ќе ја спречат водата евентуално и да влезе во нивните домови. Дел од семејствата кои живеат близу реките ги евакуирале најстарите и најмладите членови од семејствата во соседните села.
Катерина Давчева
