Акција „Армагедон“: Масовно апсење педофили во Србија
Педофили демнат на интернет. Во Србија се спроведува акцијата „Армагедон“ за разбивање на синџирот во земјата. Полицијата апсеше во повеќе градови. Пронајдени материјали кои прикажуваат сексуална злоупотреба на малолетници...

Србија е во шок по полициската акција во која се уапсени четири лица за извршување на кривичното дело педофилија. Кај осомничените пронајдени се застрашувачки порно снимки на кои се злоупотребуваат деца на возраст и од три и четири години. Осомничените, меѓу кои има и поранешен новинар на Танјуг и еден учител ги терале девојчињата преку Фејсбук да им праќаат порнографски материјал, а потоа ги уценувале.
Според Саша Живановиќ, началник во полицијата, оваа операција е дел од акцијата „Армагедон“ според која од 2010 година досега се процесуирани над 102 лица поради детска порнографија. Профилот на педофилите на интернет е широк и ги има од доктори на науки, до земјоделци, констатираат од полицијата.
Во полемиката што се покрена во јавноста се истакнува дека малолетниците на интернет оставаат премногу податоци. За да се реши проблемот со педофилијата на социјалните мрежи, се истакнува дека е потребно поголемо вклучување на целото општество, едукација на децата, наставниците и пред се работа во самото семејство. И преку интернет со отварање на едукативни сајтови и вклучување и на психолози и психијатри.
Во Србија според законот покрај мерката затвор до 18 години, педофилијата е кривично дело кое не застарува.
По силувањето и убиството на осмогодишната Марија од Нови Сад, во Србија е воведен т.н. Маријин закон. Тој го дефинира сексуалното насилие над малолетниците како болест, за што меѓу останатото треба да се води и регистар на педофили и нивно лечење. Но регистерот е празен, а бројот на сексуалното насилие над децата расте.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
