Ципрас го уверил Шулц дека новата влада се стреми кон ЕУ

29.01.2015 19:00

Ципрас изрази надеж дека дека во рамките на овој однос ќе биде пронајдено соодветно решение за грчката криза, а Шулц пак истакна дека на средбата се уверил дека новата грчка влада се стреми кон Брисел и не сака да дејствува сама...

Повеќе од два часа траеше средбата меѓу новиот грчки премиер Алексис Ципрас и претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц. Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, главна тема на средбата била новата грчка влада во контекст на нејзините очекувања, но и ангажмани кон Европа.

Ципрас изрази надеж дека дека во рамките на овој однос ќе биде пронајдено соодветно решение за грчката криза, а Шулц пак истакна дека на средбата се уверил дека новата грчка влада се стреми кон Брисел и не сака да дејствува сама.

„Ние веруваме дека Европа значи солидарност и се надеваме дека ќе најдеме решение на проблемите во името на општата иднина на Европа“, изјави Алексис Ципрас премиер на Грција.

„Во Европа се шири мислењето дека Ципрас ќе дејствува сам. Но, денес тука дознав дека владата на Алексис Ципрас не планира да дејствува сама. Тие се подготвени како влада да кажат: Грција бара решенија заедно со партнерите. Сметам дека тоа е добар чекор напред“, изјави Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент.

Иако средбата во Атина мина во навидум пријателска атмосфера, неа и претходеше острата реторика на Шулц, кој што во изјава за германската телевизија ЗДФ упати неколку предупредувања и сериозни критики за новата грчка влада. Тој го предупеди Ципрас да не го напушта патоказот на Унијата во однос на санкциите кон Русија, а го критикуваше и составот на владината коалиција, нарекувајќи ги двете партии иделошки непријатели.

Забележав дека Грција ја напушти заедничката позиција на Европската Унија за Русија. Многу сум изненаден и едноставно не е можно од една страна да барате солидарност од Европа за вашата земја како што тоа го прави г-дин Ципрас, а потоа, вашиот прв официјален чекор да биде поделба на заедничката позиција, изјави Шулц за ЗДФ непосредно пред посетата на Грција.

Во меѓувреме се огласи и новиот грчки министер за финансии Јаснис Веруфакис кој што тврди дека медиумите го искривиле ставот на Грција во однос на санкциите кон Русија. Тој на својот блог објасни дека противењето на Грција се должело на фактот што не биле консултирани при донесувањето на одлуката, а не поради самата одлука за нови санкции кон Русија.

 

Марија Котовска, постојан дописник на МРТ од Атина