Катар пишува ракометна историја
Според она што досега го видовме на шампионатот Катарците имаат реални шанси за победа против Полска и за место во големото финале во кое ќе учествува и поуспешниот од европската пресметка меѓу Франција и Шпанија...

СП во Катар е пред решавачките битки за распределба на медалите. На фронтот четири селекции од кои разбирливо три европски но сеназционално и прв пат во историјата на Мундијалите и една од Азија. Домаќинот Катар влегува во историјата и кој знае кога ќе биде достигнат резултатот кој објективно може да биде и подобрен. Според она што досега го видовме на шампионатот Катарците имаат реални шанси за победа против Полска и за место во големото финале во кое ќе учествува и поуспешниот од европската пресметка меѓу Франција и Шпанија.
Пред една деценија Тунис со влез во полуфиналето на своја почва го изедначи постигнувањето на Египет од 2001-та година на Мундијалот во Франција. И Тунис и Египет не успеаја во полуфиналните двобои во кои беа поразени од Шпанија односно од Франција. Им избега и историскиот бронзен медал откако немаа сили да го зграпчат против Французите односно Југословените.
Сега забревтаниот Катар го претставува остатокот од светот во битка против европската ракометна машинерија која досега во историјата не дозволила на планетарниот врв да се искачи некој од друг континент.
Азискиот адут со европски вкус во составот, предводен од трофејниот Шпанец на клупата, Ривера, маршира пред своја публика и демонстрира сила со која рамноправно им парира на селекциите од стариот континент. Катар беше тотален аутсајдер на претходните четири учества на Мундијалите со најдобар пласман на дебито пред 12 години во Португалија каде што го освои 16-то место.
Бранителот на тронот Шпанија во последните десет години на СП има две титули (2013 и 2005), едно полуфинале 2011 и два кикса. Во Хрватска 13 место и во Германија 7.
Со две титули на последните пет Мундијали се закити и актуелниот Европски и Олимписки првак, Франција ( 2009 и 2011). На претходниот шампионат Французите испаднаа во ¼ финалето од Хрватска, 2007 во Германија беа поразени во полуфиналето од домашната селекција а во Тунис освоија бронза откако во мечот за финале загубија од Хрватска.
Селекцијата на Полска е со поскромни резултати во однос на европските полуфиналисти во Катар. На СП во Шпанија пред две години беа елиминирани во 1/8 финалето од Унгарија, а две години пред тоа во Шведска се пласираа на 8 место.
Најголемиот успех во последната деценија Пољаците го остварија на СП во Германија 2007, кога во финалето загубија од домаќинот а во полуфиналната пресметка славеа над Данска. Две години потоа повторно медал но бронзен во Хрватска по елиминацијата во полуфиналниот меч од домаќинот и триумфот над Данска во малото финале.Во Тунис 2005 не беа дел од планетарниот ракометен самит.
Југослав Костовски, специјален известувач на МРТ од Доха
