Хрватска, Германија, Данска и Словенија по утешни олимписки квалификации
Во Ал Сад од 14 часот Хрватска ќе игра со Германија, а од 16.30 часот Данска ќе се судри со Словенија. Победниците утре ќе се борат за петтата, а оние што ќе загубат за седмата позиција...

И додека најдобрите четири репрезентации (Шпанија, Франција, Полска и Катар) во Лусаил денеска ги очекува фронтална битка за место во неделното финале, поразените четвртфиналисти (Данска, Словенија, Хрватска и Германија) продолжуваат со меѓусебната трка за подобар ранкинг од 5-то до 8-то место.
Во Ал Сад од 14 часот Хрватска ќе игра со Германија, а од 16.30 часот Данска ќе се судри со Словенија. Победниците утре ќе се борат за петтата, а оние што ќе загубат за седмата позиција.
Нивното разигрување нема да биде безначајно. Официјално - сите селекции заклучно со седмопласираната ќе обезбедат олимписки квалификации за Рио Де Жанеиро 2016. Ако сензационален првак на овој шампионат не стане Катар (!!!), ако потоа во октомври ја освои титулата на Азија, и ако в година европски првак во Полска биде некоја од седумте најдобри на ова СП, за Рио ќе разигруваат и осмо- и деветтопласираната репрезентација. Тоа е најповолното сценарио за Македонија.
А за да се заврши седми во Доха, ќе биде потребна барем една победа во двата завршни меча. Сепак, многу повредно би можело да биде петтото место, бидејќи многу веројатно е дека тоа би можело да значи и организација на еден од квалификациските турнири.
За Рио директно ќе се квалификуваат сите континентални шампиони (европскиот, азискиот, панамериканскиот и азискиот), светскиот првак од овој турнир и домаќинот Бразил. Преостанатите шест места ќе бидат пополнети по квалификациски турнири во април 2016.
