Полуфинале на СП Катар 2015

Грандиозно дерби, историја за Катар!

30.01.2015 10:02

Олимпискиот и европски првак против светскиот шампион! Франција и Шпанија ќе го одиграат дербито на Мундијалот досега...

Уште само два натпревара! Уште само два противника! Катар, Полска, Франција и Шпанија во Лусаил денеска решаваат за сигурен медал на 24-тото Светско ракометно првенство. Натпреварувачката патека посака во полуфиналето да вкрстат двата великана, репрезентациите коишто ги поседуваат трофеите од големите собири. Олимпискиот и европски првак против светскиот шампион! Франција и Шпанија ќе го одиграат дербито на Мундијалот досега. Неподелено е мислењето дека тоа е финале пред финалето во буквална смисла на зборот. Според индивидуалниот квалитет, според играта, според реномето.

„Триколорите“ имаат четири светски титули. Патот до десеттото мундијалско полуфинале го отворија со шест победи и со едно реми. Ги имаат Омејер, Карабатиќ, Нарцис, Бараше, Гигу, Жоли, селекторот Онеста... Тоа е дружина за успех, тоа е ракометна машинерија што го крева нивото од натпревар во натпревар. Состав базиран на огромно искуство, но и на силна мотивација да се поправи шестото место од собирот пред две години. Тогаш Шпанија го искористи домашниот терен и завладеаја со светот. По 2005-та, вторпат во историјата освои злато од големите турнири. Повторно мундијалско. Максмалниот ефект досега ја потврди нивната сила, особено триумфот над Данска во четвртфиналето. Голот на Канељас во последната секунда ги спречи Данците да се пробиваат до третото финале на планетарните шампионати едноподруго. Наместо тоа, „армадата“ ќе биде во шестото полуфинале на светските провенства. Македа, Томас, Канељас, Ривера, Агинагалде... И тоа е стравичен ракометен екипаж. Затоа дуелот во Лусаил од 19 часот ќе биде специјалитет на денот којшто може да биде исторски за Катар. Малата средноисточна земја создаде ракомет во последните деценија и половина. Со пари! Тоа не е непознат рецепт. Успехот дојде брзо. Петто мундијалско учество - прво полуфинале. Претходно, најдобриот пласман Катарците го остварија на дебито во 2003-та кога беа 16-ти.  Само по 12 години имаат шанса и за финале. Не дека Полска е аутсајдер, но се чини дека шансите се подеднакви. Искуството е на нејзина страна. Таа е најслабопласираниот полуфиналист во групаната фаза. Тимот на Биглер беше трет, но одигра кога требаше, против Шведска и пред се со Хрватска во нокаут сегментот. Шмал вели: „ние имаме повеќе решенија од Катар“! Веројатно е во право. Генерацијата на Јурецки, Бјелецки, на Шмал во 2006-та освои мундијалско сребро, две години потоа и бронза. Но „легијата на странци“ на Катар предводена од Шариќ и од Марковиќ на теренот и од Шпанецот Ривера на клупата, пред 15 000  гледачи во арената, има историска шанса, можеби еднаш и никогаш повеќе.

Затоа ова е ден за ракометна страст и сласт. Полуфиналната програма на Македонската телевизија почнува во 16 и 30. Катар – Полска, па Шпанија – Франција.   

Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ