Канељас: „Подобар напад за трумф над Франција“!
Ривера пред две години ја предводеше Шпанија до злато на Светското ракометно првенство пред своја публика, а Канељас беше дел од тој состав на „армадата“...

Кога Хоан Канељас одел од соблекувалната до теренот во пресрет на мундијалското полуфинале со Франција, првиот човек што го сретнал бил Валеро Ривера, селекторот на катарската репрезентација, којашто исто така е пред полуфинална пресметка, но со Полска.
Ривера пред две години ја предводеше Шпанија до злато на Светското ракометно првенство пред своја публика, а Канељас беше дел од тој состав на „армадата“.
„Ми кажа неколку типични работи додека се прегрнувавме. Се сакаме, имавме голем успех заедно и тие сеќавања ќе живеат вечно. Си честитавме, си посакавме среќа и се надевам дека повторно ќе бидеме во финалето“, реќе Канељас опишувајќи ја средбата со Ривера.
„Тие се извонреден тим. Доминираа во последната деценија, носители се европската и на олимписката титула, имаат висока класа. Ако се обидете да барате некои слабости, многу веројатно е да не ги најдете“, Канељас зборува со голема почит за Франција, очекувајќи го денешното полуфинале во Лусаил. Според него, Шпанија треба да игра подобар напад доколку сака да триумфира, но и не смее да ја заборави одбраната затоа што „натпреварот ќе го одлучуваат мали нијанси“, вели бекот на Кил. За него и дуелот со Данците бил како финале пред финалето, не само денешниот со „триколорите“.
„Ова не е пресметка на Канељас со Карабатиќ. Пред два дена беше Хансен, сега е некој друг голем ракометар. Но ова е колективен спорт, иако доколку треба да зборувам за Никола Карабатиќ, ќе речам дека тој е еден од најдобрите играчи во светот и имам огромна почит за него“, изјави Канељас. А неговите зборови се најдобра најава за полуфиналната програма на Светското ракометно првенство во Катар. Домаќинот против Послка од 16 и 30, а од 19 часот Шпанија – Франција, на МРТ 1.
