Мексико: Три жртви во експлозија на болница

30.01.2015 12:30

Болницата е речиси целосно уништена, и властите велат дека е вистинска среќа што нема повеќе жртви. Голем број луѓе се хоспитализирани...

Две бебиња и една медицинска сестра загинаа откако истекол гас од цистерна и експлодирал недалеку од родилиште и детска болница во Мексико Сити. Болницата е речиси целосно уништена, и властите велат дека е вистинска среќа што нема повеќе жртви. Голем број луѓе се хоспитализирани.

„Сите сме загрижени поради инцидентот. Длабоко жалиме поради загубените животи и поради повредените лица“, изјави Ангел Мансера, градоначалник на Мексико Сити.

Во моментот на експлозијата во болницата имало околу 100 луѓе, а вработените изјавиле дека поголемиот дел од нив ја напуштиле зградата кога почувствувале мирис на гас.

„Имаше луѓе коишто не успеале да се евакуираат, но има и такви кои успеале да избегаат. Важно е да напоменеме дека спасувачките напори продолжуваат и нема да запремен се додека не се проверат сите разурнати делови од болницата и додека не бидеме сигурни дека нема да оставиме никој во урнатините, жртви или повредени“, изјави Луис Фелипе Пуенте, координатор на Националната цивилна безбедност.

Градскиот секретар за здравство Армандо Ауед изјави дека 21 бебе е повредено, од кои 9 потешко, а во животна опасност биле и девет возрасни лица. Експлозијата ја предизвикал дефект на цревото со кое гасот бил доставуван до болничката кујна.

Работниците околу половина час неуспешно се обидувале да го спречат истекувањето на гасот, но набргу се формирал голем облак во непосредна близина на болницата по што одекнала силната експлозија.

 

Марина Автовска