Меморандум за соработка меѓу Министерството за култура и Филозофскиот факултет
Со тоа студентите ќе можат да изведуваат дел од својата практична настава, ќе работат на средување на артефактите и на пронајдените предмети од археолошките локалитети...

Со потпишување на меморандум за соработка меѓу Филозофскиот факултет и Министерството за култура ќе се овозможи адаптацијата на дел од просториите на Археолошкиот музеј во склоп на УКИМ. Со тоа студентите ќе можат да изведуваат дел од својата практична настава, ќе работат на средување на артефактите и на пронајдените предмети од археолошките локалитети.
Меморандумот предвидува размена на знаења и искуства, подобрување на теоретската и практичната настава на факултетот и интеракцијата со студентите, организација на меѓународни семинари, тркалезни маси и летни школи, заедничка изработка на стратегиски документи и проекти, како и соработка во издавачката дејност.
Филозофскиот факултет ќе обезбеди и постдипломско дошколување на студиските програми по историја на уметноста, археологија, класична филологија, социологија и интеркултурни студии. Ценам дека е особено значајно што заеднички ќе работиме и на дооформување и одржување на Археолошкиот музеј кој се наоѓа во склоп на оваа високообразовна институција и кој обезбедува збогатување на едукативно-научниот процес за студентите по археологија, но и за другите сродни факултети, како што се историја на уметност, класична филологија, рече министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
