Зголемен надомест за згрижувачките семејства
Семејствата кои што згрижуваат деца од јули ќе земат надомест зголемен за 25 насто. Со ова се опфатени 175 семејства поделени во три категории кои згрижуваат 315 лица...

Владата даде зелено светло за зголемување на надоместокот на згрижувачките семејства и за поволност на лицата со инвалидитет за набавка на возило. Семејствата кои што згрижуваат деца од јули ќе земат надомест зголемен за 25 насто. Со ова се опфатени 175 семејства поделени во три категории кои згрижуваат 315 лица.
Голем поттик, што поголем број на граѓани да станат згрижувачи, да се вклучат во оваа хумана и племенита мисија, смета министерот Спасов.
„Овие зголемувања ќе се реализираат од јули 2015 година, а на годишно ниво ќе се издвојуваат 37.500.000.00 денари при што за ова зголемување за 2015 година во буџетот предвидени се дополнителни 3.750.000 денари, а за 2016 – 7.500. 000 денари“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Со вториот дел од измените на Законот за социјална заштита се предвидува нова поволност и за лицата со инвалидност. Предвидено е оние со најмалку 80% инвалидност на долните екстремитети, потполно слепите со придружник и потполно глувите да може да поднесат барање за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил, со кој ќе управува подносителот на барањето или неговиот брачен другар, родител, дете.
Барањата треба да се поднесат до Комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, преку надлежниот центар за социјална работа. Оваа мерка ќе се применува од следната година.
Наташа Гркова-Петрушевска
