Катар обезбеди сребро !!! Може ли и на врвот ?
Легијата на странци под „команда“ на Валеро Ривера ја остави Полска без можност за реприза на 2007, кога во финалето загуби од Германија...

Не е чудо, чиста вистина е. Катар ќе игра во финалето на ракометниот Мундијал во Доха. До пред неколку дена тоа беше научна фантастика, сега е сурова реалност во овој спорт. Селекцијата-домаќин триумфираше на Полска со 31-29 во полуфиналето во преполната арена во Лусаил и обезбеди сребро, стигнувајќи до местото до коешто претходно не била ниту една неевропска репрезентација. Азискиот првак ќе се обиде да му пркоси на од поодамна воспоставениот ракометен поредок !?
Легијата на странци под „команда“ на Валеро Ривера ја остави Полска без можност за реприза на 2007, кога во финалето загуби од Германија. Катар беше импресиониран од тоа што игра полуфинале само во првите петнаесетина минути. Толку време беше видливо поголемото полско искуство на големите турнири. Последен пат Полјаците имаа 10-8 во 19-та минута, кога Ривера побара тајм-аут, инспирирајќи безмалку ново издание на неговите ракометари од тој момент до крајот на мечот. Со неколку шаховски и кадровски ризични потези од клупата го наруши ритамот на противникот, којшто одеднаш стана стана непрепознатлив и немоќен во играта во одбрана. Катар направи серија од 8-3 за водство од 16-13 на полувреме, со што ја стави Полска пред тежок императив во продолжението.
Во него екстра помош добија од голманот Шариќ, којшто постави рампа на својата мрежа и го задржа дотогаш рапсоложениот Јурецки. Полска кризираше, Катар се оддалечуваше прво на четири, па на пет гола разлика 19-14 и 21-16 на средината од вториот дел. Европејците вложија максимум за да фатат приклучок, како минуваше времето топеа дел од предноста, но во одбраната не може да ги задржат Малаш и Хасаб Ала, коишто ја решетаа мрежата на индиспонираниот Шмал. Неколкупати доаѓаа до само два негатива, но немаа сили да ги оспорат водството и победата на Катар.
Со по 6 гола најдобри поединци во домашниот тим беа Капоте (сите ги даде во првиот дел) и Малаш. По петпати погодија Марковиќ и Хасаб Ала, а Шариќ заврши со 12 одбранети удари. Попусто Јурецки беше најдобар стрелец на средбата со 9 гола (6 во првото полувреме), кога немаше друг напаѓачки расположен соиграч освен Јуркјевич, којшто постигна 5. Шмал фати само четири топки.
Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ
