Франција кон ново обединување
Жестоката битка во текот на сите 60 минути на крајот им припадна на Французите,а разликата ја направи легендата на францускиот гол Тери Омејер со фантастичните 20 одбрани или безмалку 50 насто од упатените удари кон неговиот гол...

5 години по обединувањето на трите трофеи што нешто значат во ракометот ,селекцијата на Франција е на прагот уште еднаш да ги обедини олимписката,европската и светската титула, а наедно да биде и најуспешната селекција во историјата на СП со 5 освоени златни медали.До фантастичниот резултат триколорите ги дели само уште финалето со Катар,откако во полуфиналето во голем дуел го совладаа актуелниот светски првак Шпанја со 22-26.
Жестоката битка во текот на сите 60 минути на крајот им припадна на Французите,а разликата ја направи легендата на францускиот гол Тери Омејер со фантастичните 20 одбрани или безмалку 50 насто од упатените удари кон неговиот гол.
Полуфиналниот притисок донесе две различни полувремиња во Лусаил арената. Првото мина во шутерска игра во која акцентот на одбраната беше во втор план, а серијата од 6-1на средината од полувремето за французите значеше и водство со 18-14.
Очекуваниот,тврд,бескомпромисен ракомет дојде во вториот дел, со моќна игра во одбраните двете селекции постигнаа по само 8 гола во решавачките 30 минути,доволно за Франција да слави со 22-26 ,иако шпанците се доближија на само 1 гол.Соодносот 12-8 во одбрани меѓу Омејер и Де Варгас одново ја направи разликата како и подолгата и поквалитетна француска клупа.Французите свесно му оставија простор за игра на пикерот Угалде кој заврши со 5 гола исто колку и Кањељас кому му недостасуваше поддршката од Ентрериос и Македа кои вкупно запишаа 2 гола,ниту еден во второто полувреме. На спротивната страна французите потврдија дека веројатно го имаат најизбалансираниот состав на првенството што го прави и големи фаворити пред завршниот натпревар со Катар.
Зоран Видевски, специјален известувач од Катар за МРТ
