Во очекување на утрешното финале на ракометниот Мундијал

Германија и Словенија во двобој за последното место во олимписките квалификации

31.01.2015 10:45

Со победите во првите средби од разигрувањето за пласман од 5-то до 8-то место, Хрватска и Данска веќе осигураа квалификации. Преостанува последната позиција да ја пополни само победникот од пресметката за 7/8.место, Словенија-Германија...

Ракометниот пат до Рио почнува во Доха. По него веќе тргнаа шест селекции. Бидејќи светскиот првак обезбедува директен пласман за ЛОИ 2016, оние коишто ќе с епласираат од второто до седумото место ќе обезбедат учество на квалификациски турнири предвидени за наредниот април.

Со победите во првите средби од разигрувањето за пласман од 5-то до 8-то место, Хрватска и Данска веќе осигураа квалификации. Преостанува последната позиција да ја пополни само победникот од пресметката за 7/8.место, Словенија-Германија.

По осминафиналните успеси, во последните два настапа од нокаут-фазата Германците загубија од Катар и од Хрватска, а Словенците од Франција и од Данска.

„Ова е нашето финале, ништо помалку од тоа“, изјави германскиот капитен Уве Генсхајмер пред двобојот којшто ќе ги обнови спомените на финалето на ЕП од 2004. Тогаш неговата репрезентација ја освои континенталната титула.

„Ги загубивме сите натпревари со најдобрите селекции овде во Катар. Се надеваме дека со победа ќе го завршиме настапот на турнирот“, вели словенечкото десно крило Драган Гајиќ, првиот мундијалски стрелец со 68 гола.

И додека дуелот за 7-то место ќе има натпреварувачко значење, соочувањето меѓу Хрватска и Данска за 5-та позиција на завршното рангирање ќе биде повеќе за престиж. Лани овие две селекции се сретнаа во полуфиналето на ЕП. Поуспешни беа Данците, коишто потоа освоија сребро. Хрватите сега посакуваат реванш.

„И со петтото и со шестото место ќе бидеме разочарани, бидејќи навикнати сме на секој турнир да целиме кон медал. Овој пат тоа не се сличи“, разочарано изјави данскиот лев бек Микел Хансен.

Слично е расположението и во хрватскиот табор. Триумфот над Германија во разигрувањето само малку ја ублажи болката, а се очекува многу брзо Славко Голужа да биде разрешен од селекторската функција.

 

Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ