За Катар чудо, за Франција вообичаено!
Чудото во Доха продолжува. Катар има сигурно сребро, а ќе се бори и за злато на Светското ракометно првенство.

Во пустинската држава на средниот исток, на улиците на главниот град нема кој да ја пренесе френетичната поддршка којашто ја добиваат играчите на теренот. Катар е дражава со само 200.000 лица коишто имаат нејзино државјанство. Поради големиот број странци, Мундијалот вистински се чувствува само во арените и на телевизискиот канал „Беинспорт“. Но и покрај тоа, ракометарите ја вршат својата работа. Ја елиминираа и Полска од полуфиналето со 31-29. Иако противниците имаат поизбалансирани состави, големата борбеност и умешноста на стратегот Ривера го однесе Катар до медал. Шариќ е бедем на голот, Капоте, Марковиќ и Роан решетаат од далечина, другите трчаат, додаваат брзо и постојано се активни. На таков начин катарскиот состав е во финалето на Светското првенство. Сигурно е дека веќе го има првиот историски мундијалски медал кај себе, но дали може да го направи завршниот чекор не зависи само од него.
Франција е машинерија каква што ракометот одамна не памети. Дури ни Шпанија не можеше да парира на дружината којашто е на чекор до обединување на титулите. „Армадата“ се прости од светската затоа што нејзините ѕвезди ја загубија пресметката со пртоивникот со 26-22. Гранитно делува одбраната со браќата Карабатиќ и со Сорондо, надополнета со извонредниот Омејер, кој е како француското вино – колку повозрасен, толку подобар. Порт и Гигу на крило, Жоли од пенал, во право е Канељас кога вели дека тимот на Онеста нема слабост. Затоа Франција е голем фаворит против Катар во утрешното финале. За многумина тоа и не би требало да биде изедначен натпревар, туку игра на „мачка и глушец“. Но катарското чудо трае.
За третото место ќе играат Шпанија и Полска, а мундијалската програма на претпоследниот ден содржи уште два меча. Парадоксално, но тој за седмото место меѓу Германија и Словенија е позначаен од оној за петтото меѓу Хрватска и Данска. Причина се олимписките квалификации. Во нив ќе нема место за Германците или за Словенците, а Хрватите и Данците веќе го решија тој проблем.
Кога дојде до полуфиналето, зошто да не се пласира и во финалето?! Катар заработи најмалку сребро на Светското ракометно првенство. Домаќинот ја совлада Полска со 31-29 и е на чекор до тронот. Делува неверојатно, но е вистинито. Во дербито од фазата на најдобрите четири, Франција се радуваше против Шпанија со 26-22 и е на пат да ги обедини титулите. Машината меле, дури и Шпанија не успеа да ја запре.
Во битката на поразените четврфиналисти, Хрватска ја совлада Германија со 28-23, а данска беше поуспешна од Словенија со36-33. Тоа значи дека Хрватите и Данците ќе играат за петтото место и што е поважно тие веќе обезбедија место во олимписките квалификации за Рио. Во нив ќе биде и подобриот од натпреварот меѓу Словенија и Германија.
Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ
