Масовното иселување на младите од селата е тивок убиец на дијалектите
Младите од селата со цел да не бидат измејувани, го избегнуваат матичниот дијалект и го прифаќаат сленгот кој освен во локалните говори широко навлегува и во стандардниот јазик, па така домашни зборови се исфрлаат и заменуваат со странски...

Без родени зборувачи, нема да постојат македонските говори. Масовното иселување на младите од селата е тивок убиец на дијалектите. Најзагрозен е говорот во западните планиски села, во кои се помалку има луѓе кои ја негуваат автентичната гласовна мелодија на јазикот. Од друга страна, пак, најмногу се чува говорот на градовите со престиж како Битола, Охрид и Штип.
„Голем дел од младите гравитираат кон Штип, таму студираат, остануваат да работат, и Тетово се разбира во северозападниот дел, бидејќи и таму имаме неколку универзитети. Градските говори се чуваат поинтензивно од претходно, бидејќи луѓето ја имаат таа свест дека родениот говор им е начин на идентификација од каде се“, вели Веселинка Лаброска – дијалектолог.
Младите од селата со цел да не бидат измејувани, го избегнуваат матичниот дијалект и го прифаќаат сленгот кој освен во локалните говори широко навлегува и во стандардниот јазик, па така домашни зборови се исфрлаат и заменуваат со странски.
„Понекогаш кога имаме наш збор, наша конструкција или именска група, употребата на англиски збор, на англиска група, не е во фунцкија на македонскиот јазик и во неговата чистота“, вели дијалектологот Васил Дрвошанов.
Спектарот на дијалектолошкиот атлас на Македонија опфаќа 360 пункта каде се архивираат податоци за автентичните зборови.
Јазикот е жива материја која постојано се менува, но грубата поделба опфаќа околу 27 дијалекти. Познавачите на јазикот попрецизно велат дека говори има онолку колку што има села и градови.
Анита Димитријевска
