Кривична пријава за лидерот на СДСМ, Зоран Заев за подготовка на шпионажа и пуч
Во акцијата „ПУЧ“, за ова дело и за шпионажа се осомничени екс-директорот на Управата за безбедност и разузнавање, Зоран Верушевски, неговата сопруга и локалниот функционер од општина Струмица, Бранко Палифров...

Со полициска акција е спречен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско превземање на власта. Приведени се тројца, за претседателот на СДСМ Зоран Заев е поднесена кривична пријава. Се товари за насилство на претставници на највисоките државни органи.
Во акцијата „ПУЧ“, за ова дело и за шпионажа се осомничени екс-директорот на Управата за безбедност и разузнавање, Зоран Верушевски, неговата сопруга и локалниот функционер од општина Струмица, Бранко Палифров.
Според полицијата, екс- директорот на Управата за безбедност и разузнавање во периодот од 2012– та до денес прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на надлежни државни органи во Македонија во форма на документи, фотографии, имиња на лица и податоци кои се однесуваат на општествено- политичките, економските и безбедносните состојби во земјава.
„Ваквите податоци четврто пријавениот ги добивал од првопријавениот, со кого остварил повеќе трајни средби со посредство на третопријавениот. Поради постоење на основи на сомневање дека тројцата сториле дејствија на извршување на наведените кривични дела, како и поради веројатност дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходни за успешно водење на натамошната крвична постапка, кои на друг на чин не можат да се соберат, спроведувани се посебни истражни мерки под контрола и надзор на надлежниот јавен обвинител“, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавноста во МВР.
Во шпионажата била вклучена и сопругата на Верушевски која денеска при претрес во домот на Палифров, била затекната во гостинската соба. Таа документите и податоците ги преведувала на англиски јазик на службениот компјутер и ги подготвувала за предавање на странските служби.
„При претресот на домот во гостинската соба, беше најдена и второпријавената, која во моментот додека ги забележала полициските службеници, преку еден од прозорите од куќата успеала да го фрли телефонскиот апарат. Од страна на полициските службеници, веднаш бил документиран настанот и обезбеден надворешниот дел од куќата“, изјави Котевски.
Верушевски е веќе во притвор. Обвинителството побара од судот на првите тројца осомничени да им биде одредена мерка притвор, додека за Заев не се бара да биде притворен поради, како што стои во соопштението на обвинителството, неговото дело останало во обид. Обвинителството бара привремено да му биде одземен пасошот.
За кривичното дело шпионажа и за насилство на претставници на највисоките државни органи е предвидена затворска казна, најмала по 4 години.
Наташа Гркова-Петрушевска
