САД го враќаат влијанието во Европа
Според американските експери и политичари, САД мора да ја смени политиката кон Европа од пасивна во активна...

Новата стратегија на Америка и Европа за обезбедување на мир на европскиот континент за да не се повтори ситуацијата како со Украина и спречување на руското влијание, е продолжување со проширувањето на Европската Унија и на НАТО.
„Нашата поддршка за партнерите на југ и на исток треба да продолжи за оние земји што сакаат да ги делат вредностите врз основа на кои се изградени нашите општества. Да се зачува жива политиката на проширувањето на ЕУ и политиката на отворена врата на НАТО“, изјави Мирослав Лајчак, заменик премиер и министер за надврешни работи и европски парашања на Словачка.
„САД и НАТО мора да бидат присутни за постојано во земјите од Балтикот, во Полска и на Балканот. За да и се покаже на Русија дека тргне против овие земји ќе се соочи со сили на Америка и на НАТО“, вели Стефен Хендли, поранешен член на американскиот Национален Совет за безбедност.
Претседавачот со ЕУ, Латвија иницира мајска конференција во Рига за зајакнување на односите на Унијата со Источно европските држави. Шефот на латвиската дипломатија во Вашингтон побара Америка да се вклучи во разрешувањето на конфликтите во Европа.
„Треба да испратиме силен сигнал и порака до источните партнери, но и до европската јавност и до странство дека Европа е ангажирана во создавањето на партнерство како што беше и пред три, четири или пет години“, смета Едгарс Ринкевич, министер за надворешни работи на Латвија.
Помина времето кога Америка остави на Европа да решава за безбедноста на својата територија. Она што се случува во Европа се одразува и на САД, а доколку не се зачува територијалниот интегритет на Украина, може да испрати негативни сигнали и за Азија и Блискиот Исток, оценија учесниците на конференцијата на Атланскиот Совет во Вашингтон.
Американските експерти за безбедност побараа да престане повлекувањето на американските сили од Европа и подготвуваме на стратегија заедно со европските сојузници.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
