Македонските институции- културни амбасадори низ светот
Програмата за меѓународно претставување на нашата култура за оваа година ќе овозможи видливост на вредностите на македонската уметност и култура во меѓународен контекст...

Македонската филхармонија ќе настапи во престижниот Карнеги Хол, операта и балетот во Франција и во Хрватска, Танец ќе имаат балканска турнеја, а македонските театри ќе гостуваат во Израел, Руската федерација и Турција. Во престижните галерии низ Европа свои претставувања ќе имат и авторите Глигор Чемерски, Вања Урошевиќ, Жарко Башевски и други. Министерството за култура ќе ги поддржи и настапите во странство на Симон Трпчевски, групата Синтезис, хорот Злата Мегленска, Тони Китановски и неговиот Черкези оркестар.
Оваа година традиционално ќе се одбележи денот на Свети Кирил во Рим, а богатото македонско литературно творештво ќе биде претставено на саемите на книгата во Франкфурт, Истанбул и во Софија.
Македонските уметници Весна Гиновска Илкова, Ана Гацева, Коле Манев и многу други ќе го претстават своето творештво во Софија, а во Њујорк свои претставувања ќе имаат Славица Петровска Галиќ, Дуо Гелебешеви, Дита Старова.
Вечната куќа од МНТ ќе гостува на меѓународен театар во Будимпешта, а Битолскиот театар во Израел и Русија. Познатите режисери Александар Морфов и Томаж Пандур оваа година ќе режираат во МНТ.
Преку овие меѓународни проекти, на светот ќе им ја прикажеме убавината и богатството на нашата уметност, култура и традиција, она што не соединува, но и издвојува во Европа и светот.
Александра Перевска
