Завршува 24.Светско Првенство во ракомет во Доха

Нов француски гренд слем или сензација на Катар

01.02.2015 10:58

Франција-Катар. Толку високо, на чекор до златото домаќинот не се гледаше себеси кога наменски за овој шампионат почна да го спроведува концептот базиран на пасоши и на многу пари...

Ракометниот Мундијал во Доха беше поразличен во однос на сите претходни уште во мигот кога оваа земја во азиската пустина ја доби организацијата. Секако, не може да не отскокнува ниту според завршницата. Светско првенство досега не памети двобој за титулата каков што ќе биде овој денеска.

Франција-Катар. Толку високо, на чекор до златото домаќинот не се гледаше себеси кога наменски за овој шампионат почна да го спроведува концептот базиран на пасоши и на многу пари. Огромните суми и „Масерати“ приказните во текот на турнирот можеби делуваа несериозно, но одеднаш добија на значење кога „Легијата на странци“ под команда на Шпанецот Валеро Ривера ги нанижа Австрија и Германија, а потоа ја прескокна и Полска во полуфиналето.

И одеднаш, сосема неправедно, не е во фокусот феноменалниот француски мозаик на Клод Онеста, чиишто бравури ги оставаат без здив и најогнените приврзаници на традиционалните ривали на „триколорите“. Незаслужено не се врти приказната околу Омејер, Карабатиќ, Нарсис, Сорендо, туку одовде најпробивни низ светот се сториите за стотиците илјади долари награди за Шариќ, Марковиќ, Роан или за Капоте.

Се во свое време. Ова е катарско време. И најнаивните и ракометно најнеупатените знаат - нема да трае долго, камо ли вечно. И затоа, нека се радуваат денеска Катарците, барем оние коишто имаат абер дека во Доха овој јануари е собран ракометниот крем. Да, во кремот сега преку ноќ влезе и оваа репрезентација, но објективните фанатици за овој спорт чувствуваат и знаат - нема сила којашто ќе може да ја спречи Франција по пет години повторно да ги обедини олимписката, европската и светската титула.

Преносот од мундијалското финале од Доха меѓу Франција и Катар е од 17.15 часот на МРТ-1. Загревање за него од 14.30 ќе биде утешната пресметка за бронзата меѓу владетелот во изминатите две години Шпанија и Полска.

 

Драган Николовски, специјален известувач од Катар за МРТ