СП Катар 2015
Може ли некој да ги запре
01.02.2015 11:05
Франција е името што влева стравопочит на 24-от собир на најдобрите светски репрезентации. 2 децении доминација без забележителни падови поради смена на генерации. Само најмоќните тоа го прават во од, без да покажат знаци на слабост...

Моќ, квалитет, историја, традиција, плејада ѕвезди во функција на тимот. 4 пати светски шампиони, 3 пати европски, 2 пати олимписки. Кон сите злата уште и 6 медали со помал сјај од големите манифестации. Сето тоа во последните 2 децении, нешто што никому не му успеало, достигнување што ги прави единствени во светот на спортот, особено ракометниот. Од 2008-та до 2010-тата ги обединија сите трофеи што нешто значат, сега се на прагот на повторување на историоскиот резултат. Само финалето против Катар го дели актуелниот олимписки и европски шампион до ново обединување на трите титули и до рекордната 5-та на мундијалите.
Франција е името што влева стравопочит на 24-от собир на најдобрите светски репрезентации. 2 децении доминација без забележителни падови поради смена на генерации. Само најмоќните тоа го прават во од, без да покажат знаци на слабост. Само кај нив нема млади и стари, нема стартери и резерви. Има само добри и лоши играчи што знае да ги селектира и води најуспешниот стратег во историјата Клод Онеста кој точно знае од секого да го извади најдоброто, индивидуалното да го претвори во моќен колектив.
Селектор што ја потврдува ракометната филозофија дека одбраната е најдобар напад и дека натпреварите се добиваат пред се со добра игра пред својот гол. Веројатно звучи едноставно кога на голот се има Омејер. Неговите 20 интервенции или 48 насто одбранети удари во полуфиналето со Шпанија се само уште една потврда дека нема млади и стари, затоа што и со 38 години и натаму го носи репрезентативниот товар и е потик за тие пред него.
Да го амортизира она што ќе го пропуштат браќата Карабатиќ, Нарцис, Бараше и одличните крила Жоли и Гигу, Сораиндо на линијата напред, но и алтернативите Ниока, Акамбре и Порт. Состав во кој речиси и не се чуствува отсуството на Абало, повлекувањето на браќата Жил, на Динар, на Абати.
И не само квалитетот. И искуството на освојување медали е многу значајно. Се добива впечаток дека французите дозираат колку што им е потребно, дека секогаш можат уште подобро од противникот.
И додека Катар е во еуфорија, кај французите е мирно, безмалку вообичаено, како пред секој друг натпревар, а не како пред финале на светско.
„Ние сме стручњаци за победи, имаме самодоверба и знаење како се освојуваат златни медали“- мирно вели Даниел Нарцис, една од ѕвездите во соѕвездието Франција.
Зоран Видевски, специјален известувач од Катар за МРТ
