Отежнат патничкиот сообраќај, забрани на некои патни правци

01.02.2015 10:15

Забрани за движење на тешки товарни возила поради поголеми остатоци од снег на коловозите има на патните правци Тетово – Попова Шапка, крак Маврово – Дебар и на планинските премини Стража, Пресека, Барбарас и Ѓавато...

Врнежите од снег и дожд кои ја зафатија Македонија предизвикаа проблеми во патничкиот сообраќај, додека воздушниот сообраќај се одвива со мали задоцнувања.
 
Авто мото сојузот на Македонија информира дека поради лавина кај Бигорскиот манастир во целосен прекин е сообраќајот на патниот правец Маврово - Дебар, а поради поголеми одрони на патот Кочани Македонска Каменица од село Истибања до браната Калиманци наместа сообраќајот се одвива по една коловозна лента. 
 
Забрани за движење на тешки товарни возила поради поголеми остатоци од снег на коловозите има на патните правци Тетово – Попова Шапка, крак Маврово – Дебар и на планинските премини Стража, Пресека, Барбарас и Ѓавато.
 
На сите овие патни правци за патничките возила се препорачува употреба на зимска опрема.
 
На останатите патишта сообраќајот се одвива отежнато и по влажни коловози поради врнежите од снег во југозападниот дел од Македонија, додека во останатиот дел врне дожд.
 
Авто мото сојузот на Македонија препорачува до сите возачи да не тргнуваат на пат во ноќните часови доколку немаат итна потреба.
 
На скопскиот аеродром Александар Велики засега со мали задоцнувања се одвиваат предвидените полетувања и слетувања.