Катар пишува историја
Пустинската бајка во Доха се уште трае. Сензационално, ракометната репрезентација на Катар е во финалето на Светското Првенство...

Продуховениот Катар маршира во финале…
Со една рака на трофејот…
Катарската бура во финалето...
Катар го продолжува сонот...
Се само дел од главните насловите во катарскиот печат кој е инфициран со ракомет.
Пустинската бајка во Доха се уште трае. Сензационално, ракометната репрезентација на Катар е во финалето на Светското Првенство.
270.000 Катарци од два милионската богата пустинска земја се во транс. По се што понуди домашната селекција, можеби и не беше сензација победата над Полска во полуфиналето, но според комплетниот ефект, Катар е сензација на квадрат.
Катарската легија на странците командувана од трофејниот Валеро Ривера кој до перфекција го обучи одредот, ќе игра против Франција во големото финале на Мундијалот.
За прв пат во неевропска завршна пресметка еден национален тим , и тоа историски од Азија, добива шанса да го освои светскиот ракометен врв. Неверојатната приказна на успехот тргна од Малме во јануари 2011-та кога доктор Хасан Мустафа, претседателот на ИХФ ја објави одлуката дека Катар го добива домаќинство на Мундијалот 2015-та.
Тогаш Франција ја загуби првата битка со Катар. Триколорите добија шанса за реванш на теренот, Катарците најголем спортски предизвик во историјата. На најдобар можен начин Катар ги искористи благодетите на домаќин, и спортските и тие помалку спортски, но и „дупките“ во законот на Меѓународната ракометна федерација, па репрезентацијата која пред само две години беше 20-та во светот, денеска ќе се обиде да се искачи највисоко на планетарниот пиедестал. Е, дури тогаш сензацијата од воведот би била преблаг збор. Но , сега навстина се е можно.
Со предводник каков што е Валеро Ривера кој тежи 70 титули. Човекот во својата две и пол годишна ера ја усоврши физичката и менталната кондиција, дисциплината и дефанзивната моќ на тимот и има само три пораза на вкупно 30 натпревари. Интересно, од Франција во подготвителната фаза и од Шпанија во групната каде што лесно се справија со Бразил, Чиле,Словенија и Белорусија. Во нокаут рундите паднаа Австрија, Германија и Полска. Во меѓувреме освоен е златниот медал од Азиските игри со триумф во финалето над недопирливата на свој терен Јужна Кореја.
Актуелниот Европски и Олимписки првак, Франција втор пат со обединети три ракометни титули или Катар со прва историска, сензационална на Мундијалите. Во Лусаил арената во Доха пред 15.300 гледачи, одговорот следува наскоро.
Југослав Костовски, специјален известувач од Катар за МРТ
