Листериозата во Сопот ставена под контрола

01.02.2015 13:52

Силажата што ја подготвувал самиот сточар е причината за смрта на четвртина од неговите овци. Таму се криела бактеријата. Ситуацијата е под контрола, смируваат надлежните...

Уште 33 грла заболени се во стадото на фармерот Шериф Лимани во кумановско Сопот. Силажата што ја подготвувал самиот сточар е причината за смрта на четвртина од неговите овци. Таму се криела бактеријата. Ситуацијата е под контрола, смируваат надлежните.

„Преземени се сите превентивни мерки и оние кои што даваат симптоми на листериоза, моментално се одовени. Нивната ситуација фармерот будно ја следи“, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски при посетата на одлгледувалиштето во Сопот.

Состојбата во Сопот се смирува, уверуваат и од Ветеринарниот факултет и додаваат доколу се почитуваат безбедносните препораки, нема простор за страв од ширење болеста.

„Опасност не постои доколку приказната се задржи овде кај сопственикот, но нема потреба од паника.Факт е дека е листериоза и доколку таквото млеко недоволно термички обработено оди на пазарот ,ќе има сосема друга приказна“, вели деканот на Факултетот за Ветеринарна медицина Скопје, проф. д-р Дине Митров.

Бактеријата по самата природа често е застапена и во самата почва и може да предизвика заболување, чии последици може да бидат големи како  што се случи кај овој фармер.

„Да имам повеќе луѓе да ми помагаат не 1.000 ќе чувам и повеќе од 2.000. Овде имаме добри услови за сточарство, за друго немаме“, изјави фармерот Шериф Лимани од селото Сопот.

Мерките ќе останат на сила се додека не измине периодот за инкубација на болеста од последниот случај со клиничка слика, односно од угинување на животно.

 

Габриела Димковиќ