Пелагонија под вода: Оштетени локални патишта и поплавени над 2.500 хектари земјоделски површини

01.02.2015 18:08

Одводната мрежа на најголемата житница не одолеа на налетот на големиот наплив на вода. Од ноќеска покрај десеттиот канал, кој неодамна попушти вода прели и деветтиот. Оштетени се неколку локални патишта и поплавени над 2.500 хектари земјоделски површини. Загрижува и високото ниво на Црна Река...

Само за неколку денови Пелагонија повторно е под вода. Оштетени се неколку локални патишта, а поплавени се над 2.500 хектари земјоделски површини. И овој пат причината за поплавата е слабата пропусна моќ и пониското ниво на одводните канали од она кога во Црна Река има зголемен доток на вода.

„Околу полноќ прелеа деветтиот канал кој доаѓа од страната на Прилеп. Проблеми прави речиси насекаде неговото течение. Во моментов најголеми штети прави во атарите на неколку села во општина Могила“, вели раководителот на подрачниот Центар за кризи, Душко Христовски.

„Во моментов нема излевање на Црна Река меѓутоа големи проблеми прават одводните канали и излегува водата од контрола и влегува во селата. Критично е во селата Ношпал и Вашарејца. Моментално се работи на справување со тие проблеми да не дојде до состојба за евентуална евакуација на населението“, вели Димче Јошевски, раководител на Одделението за заштита и спасување.

Штетите во земјоделието сега се во втор план затоа што големиот воден талог оштетува дел од локалната патна инфраструктура.

„Од овие порои оштетен е локалниот пат што ги поврзува селата Гнеотино и Брод. Во должина од три километри го градевме минатата година“, вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Градоначалниците на двете пелегониски општини со помош на надлежните ангажираат дополнителна механизација за да се интервенира за заштита на имотот и животот на граѓаните, затоа што нивото на Црна река е алармантно.

Околу пладне нивото на водата во коритото на Црна Река е 4,5 метри. Ако се има во предвид дека на секои два часа нивото се подига за десетина сантиметри тогаш за очекување е попладнето да дојде до излевање на критичните точки.

 

Стевче Митревски