Над 20 илјади граѓани досега побарале здравствен совет на „Ало докторе“
02.02.2015 09:44
Јавувањата изминатата седмица најчесто биле за респираторни симптоми, кашлица, настинки, покачена телесна температура, стомачен вирус и симптомна болка...

Од 15 септември до 1 февруари 20.155 граѓани се јавиле на телефонската линија 02/15 123 за медицински совет „Ало докторе“. Здравствен дом Скопје соопшти дека изминатите седум дена од 26 јануари до вчера за медицинска помош на линијата се јавиле 1.200 лица. Дваесет и двајца доктори се достапни за медицински совет, а јавувањата се од граѓани од сите градови на Македонија.
На сите оние лица кои се јавиле на телефонската линија „Ало докторе“ им е дадена соодветна медицинска помош преку здравствен совет и соодветна симптоматска терапија доколку било потребно. Поради здравствената состојба за која ја повикале линијата „Ало докторе“, на три лица повикот им е пренасочен кон Службата за Итна медицинска помош 194.
Јавувањата изминатата седмица најчесто биле за респираторни симптоми, кашлица, настинки, покачена телесна температура, стомачен вирус и симптомна болка.
Во кол центарот „Ало докторе“ секој ден од 18 до 22 часот за медицински совет се дежурни и достапни директорите на јавните здравствени установи.
