СП Катар 2014

Организациски просек, резултатско чудо!

02.02.2015 09:47

Парите не купуваат се. Спортот е сериозна работа. Бара организација и знаење...

И тоа мина. Катар го организираше Светското ракометно првенство. Освои и медал, задоволен е, но остануваат сомнежите за неговиот капацитет. Сепак, парите не купуваат се. Спортот е сериозна работа. Бара организација и знаење.

А тие атриубути и припаѓаат на француската репрезентација. Затоа таа повторно е на врвот на светот. Третпат во последните шест години, петти во претходните две децении. Вторпат трите титули, олимписката, европската и светската пловат на „сината галија“.  Тоа не е случајно, како што не беше ниту победничкиот марш во Доха. За „триколорите“ немаше Ватерло. Ниту едно! „Ле блу“ газеа се посигурно и посигурно. Одржаа лекција за темпирање на формата на големо натпреварување. Најсилно кога е најпотребно! Со концепт за постепено освежување на репрезентацијата знаеа како најефективно да го искористат искуството на Омејер со младоста на Порт и на Гребиј на пример. Франција успеа без браќата Жил и без Абало, но со користење на Нарсис и на Фернадез. Толку колку што треба. Динар стана дел од стручниот тим на Онеста, се навестува дека Французите планираат континуитет во пристапот на секое поле. Тоа е стратегија којашто во овој ракометен јануари беше барем за чекор пред другите. Карабатиќ, Сорендо, Бараше, Гигу... Тоа беше „пустинска ракометна бура“ којашто не можеше да ја запре ниту доскорешниот светски првак Шпанија. „Армадата“ се насука на францускиот брег во полуфиналето, откако претходно ја остави Данска и натаму да мечтае по првото мудијалско злато. И покрај тоа што бронзата замина во Полска, шпанското полуфинале и данското петто место по две финалиња по ред, покажува дека овие селекции уште долго ќе бидат во најтесниот врв.

Но што е со Катар? За ракометното новороденче среброто сјае повеќе од златото. Резултатски тоа е голем успех, иако Катарците го искористија трендот што го овозможува само ракометот. Наместо репрезентација, клуб да игра на светско првенство. Сепак, за концептот на селекторот Ривера, за борбеноста на Шариќ, Капуте, Роан, Видал, мотивирана со што и да е, никој не може да има забелешка.

Тука бевме и ние. Како и секогаш со нејасни позиции. Го остваривме најдобриот пласман во историјата на мундијалите, бевме деветти, а не сме задоволни! Сакавме четвртфинале, сакавме девет натпревари на првенството и обезбедени олимписки квалификации. Поставивме цел и не ја реализиравме, а имавме четири победи и два пораза и најдобар процент од настапите на големите собири. Не е парадокс, ама е чудно! Сега чекаме некој друг да работи за нас за да ни го подотвори патот до Игрите во Рио или што е помалку веројатно, некоја административна одлука да биде во наша полза.

Ракометот во минатите 18 дена како да беше претходница за фудбалскиот мундијал во 2022. Катар засега нема капацитет за него. Ќе има стадиони, хотели, аеродроми, ќе има и метро, можеби и  обучен персонал. ФИФА е помоќна од ИХФ, силно ќе притиска, но и таа беше слаба на финансиската моќ на „црното злато“.

Катар ја испрати пораката. Има многу пари! Ракометот беше еден од чекорите за промоција на државата којашто сака да ја комбинира традицијата на средниот исток со тековите на светската цивилизација. Тоа многупати е добитнички рецепт, но не е секогаш. Сепак, зад грандиозните објекти има непрегледна пустина.    

 

Тони Стојановски, специјален известувач од Катар за МРТ