Браната Турија критична, се прават насипи во струмичкиот регион

02.02.2015 12:42

Министерот за транспорт и врски вели дека во последните години не се памети толкав обем на вода...

Се проширува обемот на критичните места. Поради прелевање на вода што се очекува од браната Турија, одредени се места во струмичко каде во текот на денот ќе се прават насипи. Министерот за транспорт и врски вели дека во последните години не се памети толкав обем на вода.

„Апелирам до општините кои се во струмичкиот регион, Струмица, Василево, Босилево, да ангажираат што поголем број месно население, ќе помогне и одбраната, да ги заштитиме населените места кои се по течението на реката Струмица, односно секаде онаму каде што ќе има влијание испуштањето вода од реката Турија. Лоцирани се тие места, во текот на денешниот ден ќе се прават насипи, бидејќи Турија ќе започне со испуштање на поголема количина вода, согласно пресметките, некаде за 24 часа од денес ќе почне со прелив. Станува збор за брана од помал обем“, изјави министерот за транспорт и врски и претседател на Координативното тело, Миле Јанакиески.

Во последните 12 часа драстично е зголемено нивото на Вардар и се очекуваат мали поплави пред се на земјоделски површини во демиркапискиот регион. Се стабилизира состојбата кај браната Калиманци, а во поплавените предели во Штипско и Битолско, според Координативното тело, се работи на санирање на штетите.