Обилните врнежи предизвикаа поплви и во струшко

02.02.2015 16:13

Во струшко-охридскиот регион врнежите од дожд и снег нанесоа големи штети-но поголемиот дел од вината паѓа врз жителите и надлежните заради неисчистените канали...

Обилните врнежи од дожд и снег кои деновиве ја погодија Република Македонија, предизвикаа поплави и во регионот на Струга и Струшко.

И струшкото село Мислешево е под вода. Многу куќи и дворови се целосно поплавени особено подрумските простории и гаражите. Велат дека причина за ваквата алармантна ситуација не се само врнежите од дожд и снег туку и неисчистените канали.

„Јас имам седумдесет и кусур години и ова е прв пат да имаме ваква ситуација. Порано, овде имаше канали и сета вода одеше по каналите. Сега каналите се затворени. Моментално е се загрозено од нас лично мештаните“, велат жителите на село Мислешево од Струга.

Тие се жалат дека ниту пумпите од канализациониот систем поради преголемото количетво вода не работеле како што треба поради што се создавале дополнителни проблеми во функционирањето на системот.

Во Мислешево живеат повеќе од 2.000 жители, а речиси секое семејство одгледува и добиток, а во вода пливаат и автомобилите на жителите.

Слично е и во Селото Мороишта, поплавени се имоти и повеќе индивидуални куќи.

Во Струшко-Охридскиот регион за само 24 часа наврнаа 50 литри на метар квадратен.

 

Јованчо Наумоски