Поплави: Неизвесност за жителите на Чешиново- Облешево

02.02.2015 17:26

Евакуирани граѓани, поплавени куќи и земјоделско земјиште, прекинат и отежнат сообраќај на повеќе патни правци. Ваква е состојбата низ земјава, особено на источниот дел. Местата по течението на Брегалница се најпогодени. Општината Чешиново-Облешево претрпе најмногу штети од надојдената вода...

Брегалница наликува на езеро. Ризикот се зголемува од топењето на снегот од Осоговијата и прелевањето на Калиманци. Селата Теранци и Кучишиново се отсечени од надојдените води. Жителите сега минуваат по алтернативен пат. Не паметат кога ја виделе реката толку збесната.

„Имало помали количини на вода, ова сега е нешто многу ненормално“, вели жител на Чешиново - Облешево.

Вистинска драма се одвиваше во село Чифлиг. Десетина куќи беа во опасност.

„Малце се повлекува сега... Среќа што дојде војската да помогне, оти населението беше доста збунето и во страв... Страшно беше“, велат жители на Чифлиг.

Им помагаа екипите на Армијата и Дирекцијата за заштита и спасување. Со мехамизација се отвораа страничните канали. Се правеа насипи од вреќи со песок.

Немаат вода за пиење, ама им олесна што почнало доставување со цистерни.

„Јас веќе сум три дена без вода, кажаа уште од пред два три дена да не се пие, има доволно количина вода сега“, велат жителите.

Вработен во противпожарната бригада на општина   чешиново облешево

Додека на терен се водеше битка со водената стихија, во општинските простории заседаваа надлежните. Излегоа со апел водата од никако  да не се пие.

„Граѓаните ќе треба личната хигиена да ја кренат на повисоко ниво, бидејќи со повлекување на водата ќе останат остатоци од септичките јами, со што дополнително ќе се направи дезинфекција од страна на Министерството за здравство“, изјави министерот за транспорт Миле Јанакиески.

Нема поголеми штети во домаќинствата. Поплавени се земјоделски површини и направена е штета на инфраструктурата. Во Штип таа е близу 300 илјади евра. 

„Тимовите за проценка на штети се веќе на терен, а за штетите кои настанаа општината максимално ќе му помогне на населението“, изјави градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев.

Оваа ноќ би можело да надојде и да се излее Кочанска река па надлежните ќе ги следат состојбите. 

Доколку се цени според временските услови, жителите на Чешиново- Облешево, и оваа ноќ ќе ја поминат во голема неизвесност.

 

Фиљана Кока