Каракамишева: Заев да одговара за велепредавство, ако вршел насилство врз државни функционери

02.02.2015 18:46

Експерти и новинари кои беа гости во отвореното студио на Македонската телевизија со свои ставови за акцијата „Пуч“. Професорката Тања Каракамиешва вели дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев треба да одговара и за велепредавство ако вршел насилство врз државни функцинери...

Покрај шпионажата и насилството врз највисоките државни органи, Заев треба да одговара и за Велепредавство – вели професорката по уставно право, Тања Каракамишева.  Според неа, не може да се зборува за насилство спрема највисоки државни претставници, а да не се поврзе со казнивото тело за нивно соборување.

„Нормално е дека во тој контекст треба да се поврзете со велепредавството, затоа што велепредавството е поврзано со употреба на сила и сериозна закана во уривање на уставниот поредок, односно соборување на државните органи“, смета професорката Каракамишева.

Според новинарот, Драган Павловиќ Латас, Заев има интерес од службите, но, прашањето е што им ветил за возврат. Вели дека лидерот на опозицијата со нелегални средства сака да дојде на власт.

„Самиот факт што имаш толкав обем и таква методологија на материјали кај тебе, значи дека некој ти ги дал, за ти да имаш ќар, не јас како Латас како граѓанин, како Мирка, како сестра ти, брат ти или комшијата твој. Немаме ние ќар од тие материјали. Само Заев има ќар зошто може да го донесат на власт и некој да ја дестабилизира Македонија, или да се федерализира, или да се откаже од уставно име“, смета новинарот Драган Павловиќ- Латас.

Бомбата ќе го растури СДСМ – оценка на гостите во емисијата. Новинарката Мирка Велиновска со став дека со тоа што го прави Заев, земјата ја држи во заложништво, а  заканите директно удираат врз граѓаните.

„Никој во СДСМ со политиката која ја водеше од 2006-та па наваму не може веќе, ваков каков што е да се врати, а за жал не го ослободува просторот за некои нови поинакви иновативни млади членови, креативни умови. Не! Тој станува се подпросечен“,  вели новинарката Мирка Велиновска.

Лидерот на СДСМ и уште тројца се осомничени за шпионажа и насилство врз највисоките државни органи. Верушевски, неговата сопруга и службеникот од струмичката општина се во притвор, а на Заев му е одземен пасошот како мерка на претпазливост.

 

Миле А. Ристески