Реакција

Јавниот сервис мета на напад, ЗНМ манипулира

02.02.2015 19:17

Уредничкиот колегиум на МТВ е згрозен од реакцијата на ЗНМ во која МТВ е обвинета дека ја злоупотребила програмата за дневно партиско политички потреби...

МТВ е мета на напад и од страна на ЗНМ. Во соопштение до јавноста ЗНМ обвинува дека МТВ грубо ги прекршила начелата за професионално и непристрасно информирање во синоќешната емисија во која учесниците дебатираа за акцијата „Пуч“.

Здружението коментира дека место дебатата да послужи како можност јавноста да добие дополнителни информации и анализи за оваа актуелна тема, разговорот се претворил во едногласно навивање за партијата на власт. Преку селекцијата на гостите уредникот Петрески го прекрши законското начело на непристрасност и сеопфатност на информациите како и начелото за политичка избалансираност и плурализам на гледишта, се вели во соопштението на ЗНМ.

Уредничкиот колегиум згрозен од реакцијата на ЗНМ

Уредничкиот колегиум на МТВ е згрозен од реакцијата на ЗНМ во која МТВ е обвинета дека ја злоупотребила програмата за дневно партиско политички потреби. Констатацијата дека МТВ правела селекција на гостите е неточна и пред сѐ лицемерна. МТВ во отвореното студио вчера покани повеќемина новинари и аналитичари меѓу кои и жестоки критичари на актуелната власт. Еден од нив беше лично новинарот на „Вест“ и претседател на ЗНМ, Насер Селмани. За жал тој и преостанатите одбија да учестуваат во емисијата со што и го ускратија правото на јавноста да слушне различни гледишта.

Денешната реакција на Селмани е зачудувачка и крајно тенденциозна ако се има предвид дека тој неколку часа пред емисијата разговараше телефонски со двајца уредници од МТВ во обид да се договори неговото гостување. Ваквата хипокризија на првиот  човек на ЗНМ не можеме да ја разбереме никако поинаку, освен како грубо мешање во работата на јавниот сервис и обид да се наруши неговиот имиџ.

Селмани со ваквата реакција грубо се меша во уредувачката политика и под плаштот дека се залага за независност во информирањето, ја загрозува нашата слобода да ги избираме гостите и да ја креираме уредувачката политика за која ние, а не тој сносиме и одговорност.

ЗНМ отвора сомнеж и за терминот на емисијата, а добро знае дека дискреционо право на секој медиум е да ја менува програмската шема според сопствените потреби, особено кога настаните го наметнуваат тоа како потреба на јавноста за информирање.