Њу Ингланд го освоија “Супер боул“ по 4 пат, Брејди третпат МВП

02.02.2015 19:31

Мозокот на тимот 37 - годишниот Брејди по третпат во кариерата е избран за МВП на финалето, со што е рамо до рамо со легендарниот Џо Монтана...

Кога се игра финалето на Американски фудбал во САД амбиентот е сличен како при големо невреме. Сите се дома или водруштво ја следат разврската во најпопуларниот спорт во Северна Америка. А во него Њу Ингланд во „49 Супер боул“ славеше во финалетопротив Сиетл со 28 : 24, во меч кој изобилуваше со драматични моменти и пресврти. Првите две четвртини завршија симетрично со 14 : 14, а кога Сиетл го доби третиот период со 10 : 0 многумина помислија дека минатогодишниот шампион ќе остане на тронот. Но, во последната четвртина на сцена стапи “квортербекот“ на тимот од Бостон Том Брејди, кој со две брилијантни додавања придонесе за два “тачдауна“ и пресврт за конечни 28 : 24.

Во последните 30 секунди Сиетл ја испушти шансата за победа, кога дефанзивецот Батлер ја украде решавачката топка. Мозокот на тимот 37 - годишниот Брејди по третпат во кариерата е избран за МВП на финалето, со што е рамо до рамо со легендарниот Џо Монтана. Њу Ингланд во своето 8 финале дојде до 4 триумф од 2001 година и се израмни според титулите со Грин Беј и Њујорк Џанајтс. Пред нив се Далас и Сан Франциско со по 5 трофеи и сеуште најдобрите Питсбург Стилерс со 6 шампионски круни. Сиетл во третото финале останува со титулата од претходната сезона, кога го понижија тимот на Денвер со 43 : 8.

Спектаклот се случи на стадионот на универзитетот Феникс во Аризона пред 85 .000 гледачи. Гламурот во паузата го надополнија Кети Пери и Лени Кравиц, за продолжување на традицијата во која во минатото настанот го збогатуваа Мајкл Џексон, Мадона, Витни Хјустон, Ролинг Стоунс,  Принс и уште многу други музички мега звезди. Во неофицијалниот празник одново се покажа дека секундите вредат милиони долари, кои не се залудно фрлени пари. Едноставно, престижот на врвните светски компании да бидат дел од настанот на годината нема цена. Годинава кога околу 112 милиони американци око не затвориле пред телевизорите цената за 30 секунден рекламен спот изнесуваше 4 ипол милиони долари. И како што стојат работите, овие рекорди веројатно ќе останат несоборени, се до наредниот “Супер боул“.